Македонија денеска “жолто-портокалова“ - прочитајте како да се заштитите од неподносливиот пекол

Поголем дел од Македонија денеска ќе биде во жолта топлотна фаза, додека Осоговско-малешевскиот и Охридско-преспанскиот регион ќе влезат во портокалова фаза. Во овие региони температурите ќе бидат до 36 степени и се повисоки од вообичаените за овој период од годината.

Според Управата за хидрометеролошки работи денеска утринската температура ќе биде во интервал од 12 до 22, а дневната ќе достигне од 35 до 42 степена. Попладне и во ноќните часови ќе се развива нестабилна облачност која ќе биде проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Во Скопје утринската температура ќе достигне до 20, а дневната до 39 степени.

Од утре се очекува мало намалување на температурите во целата држава.

Ресорното Министерство за здравство препорачува во текот на денот бремените жени и лицата постари од 60 години да се ослободат од работа, а работодавачите во овие денови да го реорганизираат работното време за градежните работници и лицата кои работат на отворено со тоа што ќе се одбегнуваат активности од 11 до 17 часот. На градинките им се препорачува да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 16 часот.

За граѓаните остануваат општите препораки - да се конзумира здрава и свежа храна и безбедна вода за пиење, да се носи лесна и светла облека, да не се излегува надвор од 11 до 17 часот, а хронично болните да ја земаат соодветната терапија.

Минатата недела и Министерството за труд и социјална политика и Сојузот на синдикати на Македонија апелираа работодавачите да ги преземат сите неопходни мерки за заштита на работниците.

Повеќе информации граѓаните може да добијат и на бесплатниот телефонски број на Црвениот Крст 02/ 32 21 902, од 10 до 18 часот. 

најчитано сега