Посетата на Коѕиас на сите насловни во Грција

Грчките медиуми и денеска информираат за вчерашната посета на министерот за надворешни работи Никос Коѕиас на Скопје, засега без коментари, со акценти на некои делови од неговиот говор пред македонските дипломати.

Нагласувајќи дека тој е првиот грчки министер кој одржал говор на годишниот Амбасадорски совет, некои од медиумите забележуваат дека овој факт има специјално значење за комплексните односи меѓу Атина и Скопје.

Очекувано, медиумите го издвојуваат делот од говорот на Коѕиас каде што тој рече дека „ако и кога прашањето за името ќе се реши и кога сите видови на иредентизам ќе бидат надминати, двете земји ќе одат заедно на патот на ЕУ и безбедносните структури“.

Генерално, во насловите во грчките медиуми е издвоено позитивното и се истакнува дека Коѕиас рекол оти Грција ја цени Македонија и дека двете земји треба да живеат во мир, соработка и просперитет.

За средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски се информира дека двајцата дипломати разговарале за соработка и оти нагласиле дека мерките за градење доверба ги поттикнале билатераланите односи.

Во Грција се нагласува дека на средбата Коѕиас-Попоски не е разговарано за прашањето за името и се пренесува делот од изјавата на македонскиот министер во кој тој зборува за името и грчката блокада.

- Името и блокадата се реални, тие се проблем. Во однос на тоа имаме различни ставови и тоа е констатирано во минатото и е факт. Од друга страна, има друга реалност на која може да се влијае, а тоа е создавањето на клима на поголема доверба меѓу двете земји и зголемување на соработката меѓу нас. Тоа го правиме преку мерките за градење доверба и на тоа сме посветени. Доколку има една реалност и таа не може да се промени, а тоа е разликата која постои меѓу нас во однос на спорот за името и чувството дека нашиот пат кон ЕУ и НАТО е попречен поради оваа блокада, можеме да се посветиме на тоа што и де факто сакаме да го постигнеме, а тоа е поголема стабилност, поголем економски просперитет за нас и за нашите држави, ја пренесуваат грчките медиуми изјавата на Попоски. 

 
 
26.08.2016 - 10:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега