Џафери подготвен да го посети споменикот на ОНА во Слупчане

Tоа се дневни активности, а јас како министер сум претставник на сите граѓани и не е исклучена и таа можност и не гледам причина зошто да не, рече министерот за одбрана Талат Џафери одговарајќи на новинарското прашање дали годинава во август ќе го посети споменикот на ОНА во Слупчане.

На барање на новинарите да појасни дали евентуалната посета би била официјална на министер или ќе биде во друг формат, Џафери одговори: Ако има официјален и неофицијален министер тогаш може да го третирате како што сакате. 

Минатата година, тогaшниот министер за одбрана Фатмир Бесими положи цвеќе на споменикот на УЧК во Слупчане. Настанот предизвика низа реакции, меѓу кои и од Владата, од каде посочиja дека одлуките за одбележување на некој настан со присуство на официјална владина делегација и нејзиниот состав ги носи Владата со заклучок. Владата лани соопшти дека нема донесено одлука за официјално одбележување на настанот кој се случи во Слупчане ниту пак има испратено владина делегација на таков настан.

Од настанот, минатата година се оградија и ГШ на АРМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Положувањето венец од страна на министерот за одбрана и припадници на АРМ на споменик на припадниците на ОНА, како што тогаш објасни Бесими, претставува придонес кон процесот на помирување кој е неопходен за Република Македонија и за нејзините граѓани.

И Здружението на припадници на безбедносните сили „Бедем“ оцени дека положување цвеќе од страна на министерот за одбрана пред споменик на ОНА во селото Слупчане е погрешен чекор.

На новинарското прашање зошто се уште не е потпишана одлуката за летување на семејствата на загинатите мировници во несреќата кај Блаце и на бранителите од 2001 година, како нивно законско право, министерот Џафери упати на законската процедура, која може да ја појаснат во правната служба на МО. 

најчитано сега