Кои згради во Скопје се најнебезбедни во случај на земјотрес

Има ли делови на Скопје кои се сеизмички помалку или повеќе активни?

Практично сите делови се сеизмички активни, односно кога се активира скопски расед тогаш се ослободува енергија од жариштето. Сепак, земјотресот од '63-та покажа дека некои делови како што беше Карпош 2 каде што се сруши зграда, како и просторот околу гимназијата Јосип Броз Тито имаше поголем интензитетот, но генерално сите делови од Скопје се изложени на земјотрес. Ако фундирањето кога се гради се прави на карпа тогаш е многу посигурно отколку ако се гради на некое свлечиште што е многу поопасно, бидејќи цел рид се лизга. На пример, на Водно кај што ќе се гради Сончев град е многу сеизмички поповолно од другиот дел на Скопје.

На Водно изминатиот период имаше доста свлечишта, што ќе се случи ако има земјотрес?

Од урбанистички аспект може тој дел не делува естетски и не се практикува на некои падини да се градат згради, само индивидуални куќи. Од аспект на сеизмика овој дел воопшто не е лош за градење, но под услов ако фундирањето биде длабоко и ако темелите на објектите се фундирани убаво тогаш не постои никаков ризик. Сега тука навистина е малку хаос, ние не знаеме веќе кој што каде градел бидејќи цели ридови се симнувани од една страна, што е и добро бидејќи подлабоко под нив може да има карпа, па темелите би биле постабилни. Со новиот Закон за сеизмичка заштита од ноември лани имаме многу повеќе овластувања, за разлика од порано кога ИЗИИС контролираше парцијално, сега може на цела територија на Македонија. За прв пат со овој Закон контролата ја издигна на ниво да може да гарантира дека објектите што сега се градат да бидат перфектни во сеизмичкиот дел.

Колку инвеститорите се придржуваат до сеизмичките прописи при изградба на зградите?

Со донесување на Законот сега пред да се добие дозвола за градба покрај проект за градба задолжително е потребно и мислење за сеизмичка заштита од институт и тоа за сите објекти на територија на Македонија од било кој тип и за приватни куќи, мостови, брани, антени, далноводи, згради, цевководи. До 300 метри квадратни за овие објекти се бара само мислење, додека за проектот над 300 квадрати за да може да добие дозвола за употреба технички прием на објектот институтот двапати во текот на градбата дава мислење. Ние доаѓаме во контрола кога градбата е до 50 посто и гледаме на пример дали арматурата во столбовите е ставена како што е предвидено со проектот. Ако инвеститорите не ги применувале правилата на градба ние можеме и да ја стопираме или да побараме санација. Втората контрола е кога објектот е до карабината доаѓаме уште еднаш и гледаме комплетно како изгледа конструкцијата и ако е позитивно после тоа може да спроведе технички прием. Владата направила паметен потег бидејќи ги заштитила и граѓаните, а на некој начин се заштитуваа и себе, бидејќи порано плаќаше штети за оштетувања на објекти. Досега сме контролирале 800 објекти, вклучувајќи ги овие згради и владините објекти и сите тие се проектирани да издржат земјотрес по нашите сеизмички прописи. Се покажа дека таа контрола навистина е потребна бидејќи во почетокот имаше лоши проекти еден целосен проект мора да содржи и арматурни детали, но во проектите тие работи ги немаше, а во општините поминувале. Со воведување на оваа контрола нема да може еден проект да излезе поинаку. Можеби е неодговорно да кажам, но сите овие објекти што се градат според Законот и се под контрола на ИЗИИС ќе го издржат скопскиот земјотрес како од шега, без нула ризик дека објектите би паднале.

Колку старите згради би издржале посилен земјотрес?

Ние гарантирамеза новите згради што се градат од оваа година, па понатаму. Генерално, бидејќи и проектантите и државата по скопскиот земјотресот видоа дека се направени огромни штети по него се воведени сеизмички прописи што значи дека пред скопскиот земјотрес објектите се проектирани како да нема земјотрес. Не беа сеизмички проектирани лоши системи т. н. масивен систем со дебели ѕидови од тула тие ѕидови не носат затегнувања и доаѓа до дијагонални пукнатина и до рушење. Потоа почнаа да се градат сеизмички системи, имаме конструкции од чисто армиран бетон како "лепотиците" во Карпош и таму навистина е безбедно. После скопскиот земјотрес почна да се гради како што треба со исклучок на мал број инвеститори кои немаат чувство за конструкција.

Се нарушува ли стабилноста на зградите кои се доградуваат?

Има многу објекти од пред земјотресот кои беа оштетени и се санирани. Но тие никогаш според мене не се за уште еден кат, значи како да си го натоварил објектот уште малку повеќе и за мене не е добро надградување на старите објекти, но се прави бидејќи Законот дозволува. Според Законот ако тежината на надградбата не помине повеќе од 10 отсто од вкупната тежина на објектот, но најубаво би било Владата да не дозволува доградби на ниеден објект бидејќи тие објекти се изградени за таа катност. Ако објектот е предимензиониран може да се сруши. Јас не би сакал да живеам во таков тип зграда.

Што треба граѓаните да прават кога има земјотрес?

Чувството кога ќе се случи земјотрес не се контролира, тоа не може да се избегне. Сите помислуваме да избегаме надвор, но не треба да се бега од две причини, особено ако се живее во објект изграден по земјотресот. Тие објекти се така изградени каде се гарантира дека нема да се срушат. Дури и да избегате постои ризик дека некое делче ќе ви падне и може да ве убие. Пракса и препорака на меѓународни институции е да не се бега тука да се засолните под цврст тип на маса како, на пример, канцелариска маса.

Интервју на Михаил Гаревски Директор на ИЗИС за Вечер 2014" 

 
 
12.09.2016 - 10:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега