Ременски: Градинките да пријават штети од земјотресот во МТСП

 

Министерството за труд и социјална политика во градинката 11 Октомври, која пријавила штети од земјотресот, извршило инспекциски надзор и дало согласност да се направи распределба на деца во други градинки за да може во наредниот период да се одвива санацијата. Од Министерството го повторија апелот до сите градинки коишто имаат претрпено штета од земјотресите, а имаат наод и записник од Институтот за земјотресно инженерство да ги приложат за да може МТСП да направи се да се коригираат условите во коишто се згрижуваат децата.

 - Како Министерство ги направивме сите чекори што се во наша надлежност во делот на инспекцискиот надзор кој што го направивме и врз основа на што дадовме согласност градинката да направи распределба на децата во други две градинки во истата населба за да се отстрани можноста за попречување на работата која што ќе започне, се надевам, следнава недела, рече на денешната прес-конференција министерката Фросина Ташевска Ременски, одговарајќи на новинарско прашање.

Информира дека Институтот за земјотресно инженерство, којшто извршил увид во зградата на градинката, констатирал сериозни нарушувања на самата градба што, како што рече, бараат интервентно коригирање.

- За таа цел МТСП издвои средства и направи соодветен премер и пресметка за сите штети коишто се настанати во градинката и веќе од денеска ја започнуваме постапката која што ќе обезбеди инвеститор што треба да ја санира градинката. Нормално, тука Општината Бутел како основач на градинката, треба да ги достави сите потребни документи по однос на давањето согласност на временото забранување на згрижување на децата додека трае реновирањето на самата градинка, рече Ташевска Ременски.

Таа на денешната прес-конференција одговараше и на новинарско прашање во врска со распределбата на социјални станови.

- Сакам да истакнам дека на 25-ти, без притоа да бидат консултирани и да бидат вклучени во работата на Комисијата за транспорт и врски, претставниците на МТСП, направена е распределба на станови. И ако тогаш во медиумите провејуваше дека едно лице е спорно во прелиминарната листа заради која што наводно се кочело доделувањето, од прелиминарната листа и конечната листа разликата на корисници коишто не добиле стан конкретно во Прилеп е 21 лице. Јас очекував во изминативе месеци медиумите да се заинтересираат кои се тие 21 барател за подносител за апликација за социјален стан да ја утврдат нивната состојба во која што живеат и да го запрашат Министерството за транспорт и врски и МТСП преку Центарот за социјални работи во Прилеп зошто овие лица преку ноќ, експресно се извадени од прелиминарната листа и не добиле социјален стан, рече Ташевска Ременски.

Во таа насока, додаде, дека ги прават сите напори да се добие комплетна слика за сите пропусти што биле направени во постапката за доделување на социјалните станови не само во Прилеп, туку и во Ресен и во другите градови и да се отфрлат сите шпекулации за нејзино учество во вкупната постапка за доделување социјални станови, но и да се потврди уделот на сите останати министри во доделувањето на социјалните станови.

 
 
19.09.2016 - 14:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега