Пахор: Македонија и Грција да го применат искуството на Хрватска и Словенија

Македонија и Грција можат да го применат искуството на Словенија и Хрватска во решавањето на отворените билатерални прашања, изјави словенечкиот претседател Борут Пахор по средбата со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан одржана на маргините од Генералното собрание на ОН во Њујорк.

- Словенија е пријател на Македонија и се обидува да и помогне, но притоа сме отворени и сметаме дека без компромис и прилагодување и од македонска и од грчка страна тоа не може да се постигне, изјавил Пахор за словенечките медиуми, пренесува Хина.

Соред него, неопходен е компромис, како и соработка од другите држави во регионот.

- Словенечко-хрватското искуство покажува дека се исплати да се преговара и да се бараат решенија, рекол Пахор алудирајќи на договорот што го постигнаа Љубљана и Загреб околу спорот за морската граница, по што Словенија ги деблокира преговорите на Хрватска за членство во ЕУ.

Пахор очекува напредок во дијалогот меѓу Македонија и Грција на конференцијата што треба наскоро да биде одржана во Скопје во рамки на „Процесот Брдо Бриони“.

- Словенија како пријателска држава и еден од иницијаторите на „Процесот Брдо Бриони“ е подготвена да помогне да се најдат решенија за отворените прашања, истакнал словенечкиот претседател Борут Пахор.

 
 
22.09.2016 - 12:04
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега