СИТЕЛ: Пахор - Македонија и Грција да го применат искуството на Словенија и Хрватска

Македонија и Грција да го применат искуството на Словенија и Хрватска во напредокот на македонските евроинтеграции виза ви грчката блокада поради спорот за името, изјави словенечкиот претседател Борут Пахор по средбата со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан одржана на маргините од Генералното собрание на ОН во Њујорк.

,,Словенија е пријател на Македонија и се обидува да и помогне, но притоа сме отворени и сметаме дека без компромис и прилагодување и од македонска и од грчка страна тоа не може да се постигне. Словенечко-хрватското искуство покажува дека се исплати да се преговара и да се бараат решенија’’, ја пренесува МИА изјавата на Пахор, во која алудира на договорот што го постигнаа Љубљана и Загреб околу спорот за морската граница, по што Словенија ги деблокира преговорите на Хрватска за членство во ЕУ.

Пахор очекува напредок во дијалогот меѓу Македонија и Грција на конференцијата во рамките на „Процесот Брдо Бриони“, што треба наскоро да се одржи во Скопје.

Вечерва, пак на маргините на Генералното собрание на ОН, шефот на македонската дипломатија Никола Попоски ќе се сретна со неговиот грчки колега Никос Коѕиас.

Средбата претставува континуитет на комуникација помеѓу двајцата министри,откако лани Коѕијас дојде во прва официјална посета на Република Македонија, по што следеше и возвратна на Попоски на Атина. Двајцата министри кои ги договорија тековните мерки за градење доверба во континуитет во изминатиов период се сретнаа повеќе пати и во Скопје и на маргините на разни конференции и самити. Во Њујорк Попоски се сретна и со министерот на надворешни на Бугарија, Даниел Митов, со кого е договорено продолжување на разговорите за договорот за добрососедство и пријателство.

 
 
22.09.2016 - 16:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега