Изборите го намалија буџетскиот дефицит и капиталните инвестиции

Изборите го успорија трошењето на државниот буџет, но и реализацијата на капиталните инвестиции. Согласно најновите објавени податоци на Министерството за финансии заклучно август расходите се реализрани само 60 отсто од планираното, анализира Лидер.

Буџетскиот дефицит исто така е далеку помал од проекцијата и за осум месеци тој изнесува 9,8 милијарди денари или само 42 отсто од планираното.

За првите осум месеци се реализирани 150 милиони евра капитални инвестиции или 41 отсто од планираните.

Експертите коментираат дека закажувањето и откажувањето на изборите влијае на реализацијата на буџетот, особено преку реализацијата на расходната страна, во рамки на која се наоѓаат и капиталните инвестиции. Имено во предизборниот период не може да се започнува градба на капитални проекти и да се вршат набавки што значително ја успорува динамиката на одредени проекти.

“Политичката криза е далеку пострашен удар врз економијата.Најважно е,политичката криза да се реши, па сето ова можеби ќе се врати и назад, односно каматните стапки да се намалат“ истакна Неновски.

Бизнисот предолго ги чувствува штетите од политичката криза.

Продлабочувањето на политичката криза нанесува дополнителна штета на компаниите и на економијата во целост, согласни се експертите. Компаниите не можат да функционираат во целосна неизвесност, бизнисот стои, инвестициите тапкаат во место.

-Политичката неизвесност има влијание врз работата на бизнисите, поради силната корелација што психолошкиот аспект и неизвесноста ја имаат врз деловните потфати и економијата во целина. Има најави од одредени наши членки дека планираните инвестиции ќе се одложат за периодот по изборите, односно до стабилизација на политичката клима, вели претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа.

-Верувам дека сите оние кои што го пратат бизнисот, не само оние кои се директно инволвирани во него, гледаат дека оваа ситуација води кон комплетно уништување на бизнисот, а со тоа ќе настане одреден пад на македонската економија, особено во оној дел кој се темели на приватниот сектор, вели Данела Арсовска, ССК

Во Македонија од почетокот на годинава два пати беа закажани и откажани предверемени парламентарни изборите, еднаш во март и еднаш во јуни. По трет пат помеѓу политичките лидери е договорено да се распишат избори во декември годинава. Ако се земе вкупно, тоа се три месеци во годинава или цел квартал предизборен период кога не може нормално да се реализира буџетот.

Инаку согласно податоците на Министерството за финансии во август има раст и на вкупните и на даночните приходи за 18 отсто во однос на истиот месец лани.

За 2017 капиталните инвестиции ќе бидат двигатели на растот

Во буџетот за 2017 година е предвидена рекордна сума за капитални инвестиции во износ од 438 милиони евра. Нешто помалку би се потрошило за плати (435 милиони), а речиси 319 милиони евра се за стоки и услуги.

„Капиталните инвестиции се планирани на рекорден износ од 26,95 милијарди денари. Тие имаат приоритетно значење во креирањето на фискалната политика, подобрувањето на економските перформанси и на квалитетот на животот на граѓаните“ – вели Миноски.

Кои се клучните проекти за финансирање?

Ќе се инвестира во сите сфери. Само во патната и во железничката инфраструктура е предвидено да се вложат 4,43 милијарди денари или 72 милиона евра.

Со парите треба да се докомплетира изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, бидејќи во 2017 веќе треба целиот Коридор 10 да биде заокружен на ниво на автопат.

Во исто време ќе продолжи да се вложува и во железничиот Коридор 10, во реконструкција на пругата, како и во изградба на првата и во втората делница од новата железничка пруга кон Бугарија на Коридорот 8.

Владата не отстапува ниту од проектот за гасификација на Македонија. Вкупно 3,48 милијарди денари ќе се вложат во енергетската и комуналната инфраструктура.

Ќе се поддржи уредувањето на технолошко – индустриските развојни зони со цел создавање подобар амбиент за привлекување нови странски инвестиции.

1,1 милијарда денари ќе се вложат во здравството, во нова опрема, во довршување на ПЕТ Центарот, во изградбата на Клиничкиот центар во Скопје и на регионалната Клиничка болница во Штип.

Цели 3,25 милијарди денари се предвидени за изградба и реконструкции на училишта, градинки, студенски домови, универзитети, спортска инфраструктура.

 
 
27.09.2016 - 11:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега