Животот во Гази Баба се враќа во нормала - со многу работа се санираат штетите од поплавите

На почетокот на август, Скопје го зафати големо невреме во кое најпогодена беше општина Гази Баба. Во интервју за КУРИР, градоначалникот Тони Трајковски говори за последиците од поплавите, за реакцијата на општината и за сето она што се уште се превзема за справување со последиците.

На прашањето на Курир, каква беше реакцијата на општината во давањето на првата помош и спасувањето на загрозените граѓани, тој одговара:

-Можам да потврдам дека јас како градоначалник и луѓето од просторните сили кои се формирани за заштита и спасување веднаш уште вечерта бевме во населените места и ја координиравме активноста за спасување и укажување на првата помош на граѓаните од населените места кои беа зафатени со невремето. Веднаш ги алармиравме надлежните институции, кои за многу краток период дојдоа на лице место и се активираа согласно нивните надлежности. Заедно со мене беше и градоначалникот на Град Скопје, претставници од противпожарната бригада, претставници од АРМ, МВР, едниницата за дирекцијата за заштита и спасување, брзата помош  и во зедничка координирана активност работевме на укажување на првата помош, спасување и обезбедување на пристап до секоја куќа Најпрво беше ангажирана механизацијата од ЈП од Град Скопје а во спасувањето беа ангажирани и специјални возила од МВР и АРМ. Во првите моменти можам да потенцирам дека имаше и голема солидарнот меѓу граѓаните кои меѓусебно си помагаа и воедно ни помагаа и на нас во координација на активностите на терен. Уште вечерта имавме одговорни координатори во секое населено место кои помагаа и ни доставуваа информации за ситуацијата од лице место а согласно на тоа од наша страна се правеше планот за распределба на силите за спасување и механизацијата за расчистување на теренот. Од тоа што можев да го видам на лице место можам да потврдам дека се работеше за огромно невреме со голема количина на наврнато дожд, голема брзина на ветер, голема количина на град посебно во делот на селото Смилковци и Црешево и голема количина на нанос на земја, камења и разни предмети кои при движење ги имаше носено водата, вели тој и додава дека брзата и навремена интервенција на сите надлежни инстуции како и меѓусебната помош и солидарност на граѓаните придонесоа да се спасат голем број на човечки животи. 

На прашањето дали навреме започнала новата учебна година и како се оспособени училиштата, градоначалникот вели дека школската година почнала нормално на 1 септември. - Заедно  со директорите од училиштата направивме темелни подготовки на објектите и подготвени ги пречекавме учениците на  почетокот на новата учебна година. Како пример ќе го посочам дворот на ОУ „25 Мај“ во стариот објект во Сингелиќ, каде при расчистувањето се направи депонија која беше исчистена, дезинфицирана, деконтаминирана и на тоа место за краток временски период се реконструира спортското игралиште, се направи детско забавно катче и се постави урбана опрема. Објектот на училштето се реновираше и доби еден нов поубав лик. Во ОУ „25 Мај“ во Сингелиќ, каде што се наоѓаше еден од пунктовите, се опремја 22 кабинети со нови проектори, нови клупи и столчиња и сите училници се снабдени со нагледни средства потребни за тековната настава. Исто така и во ОУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци, кое беше главен пункт за поплавениот регион – таму беше пунктот на АРМ и брзата помош, се направи комплетно расчистување, дезинфекција и целосна реконструкција на училиштето. Не запираме само со овие активности и во следниот период ќе продолжиме со снација и подобрување на условите за одвивање на наставата, рече градоначалникот, вели тој.

Ги најави и следните планови:

-По нормализирање на инфраструктурата во поплавените населени места, продолжуваме паралално со планираните активности и во останатите населени места. Во населбата Железара се направи пешачка патека на ул. „Душан Тасковиќ“, а набрзо ќе се започне со изградба на еден поголем паркинг кај вискоките кули. Во населбата Автокоманда деновиве ќе се асфалтира паркингот на ул. „Габреш“, а интензивно се гради и новиот културен дом заедно со најсовремено музичко студио. Во населбата Триангла се работи на доизградба на атмосферска канализација, во населбата Маџари во завршна фаза е изградбата на новиот плоштад пред киното Маџари, во новата населба Хиподром 2 веќе следната недела продолжуваме со градење на водовоната мрежа, фекалната и атмосферската канализација и асфалтирање на улиците. На потегот од Трубарево кон населеното место Гоце Делчев продолжуваме со изградба на фекалната канализација, а исто така и за населеното место Јурумлери деновиве ќе респишеме тендер за изградбе на дел од примарната фекална мрежа. Во населбите Колонија и Идризово ќе се работи на санација на улиците и изградба на пешачки патеки, следната недела се планира и почеток на изградба на новиот резервоар за вода во Раштак и изградба на дел од водоводната мрежа.. Со овие активности можам да најавам дека се додека имаме добри временски услови во секое населено место имаме планирани активности во насока на подобрување на инфраструктурата и условите за живеење, заклучува тој.

 

 
 
29.09.2016 - 10:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега