Анкетата покажа: За кого би гласале Македонците, Клинтон или Трамп?

Во Македонија повеќе граѓани би гласале за Хилари Клинтон во однос на Доналд Трамп, покажуваат резултатите од глобалната анкета за претстојните претседателски избори во САД на WIN/Gallup International, спроведена во текот на август и септември меѓу вкупно 44,194 мажи и жени.

Според анкетата, 48% од македонските граѓани се изјасниле дека би гласале за Клинтон, наспроти 20% кои би му дале поддршка на Трамп, додека 32% биле неопределени.

Анкетата  спроведена во  45 земји, покривајќи скоро 75% од светската популација, покажува дека Хилари Клинтон е во предност пред Доналд Трамп во сите земји освен во Русија.

Дијаметрално поразлична е сликата во Русија каде што на Трамп му се наклонети 33%, а 10% на Клинтон. Во Кина повеќе ја фаворизираат Клинтон (53%) наспроти Трамп (44%). Во САД, предноста на Хилари Клинтон пред Трамп изнесува 7% (48% би ја поддржале Клинтон во однос на 41% кои би го поддржале Трамп, а 11% се неопределени), посочуваат резултатите на WIN/Gallup International.

Меѓу сите анкетирани, 69% одговориле дека има големо или многу големо влијание во нивните земји кој ќе биде избран за претседател на САД (во Македонија 57%). За прашања од јавната политика, 78% од анкетираните советуваат следниот американски претседател да не се посвети  само на локалните американски интереси, туку да се фокусира на интересите на целиот свет, или да им даде еднаков приоритет на локалните и глобалните проблеми (во Македонија 57%).

Само 16% од светската јавност советува следниот американски претседател да ја стави Америка прва и да не ги земе во предвид глобалните интереси (Во Македонија 27%). Јавноста во САД, од друга страна сака идниот претседател многу повеќе да е фокусиран на домашната политика (61%).

Наодите на глобалната анкета беа презентирани минатата недела во Њу Орлеанс, САД, на годишниот конгрес на ESOMAR, меѓународна професионална асоцијација на истражувачи на јавното мислење и маркетингот, а деталните наоди се достапни во (www.Gallup-international.com), вебстраницата на независната мрежа на истражувачки агенции, WIN/Gallup Меѓународна Асоцијација.

 
 
30.09.2016 - 15:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега