Претседателот Иванов на Седона Форумот во Аризона

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов вчера беше дел од Форумот Седона, затворен собир на високи политички и бизнис претставници од САД и од светот, кој синоќа почна со работа во Аризона.

Иванов кој  на Форумот присуствуваше на покана од страна на Институтот на американскиот сенатор Џон Мекејн кој е организатор на овој форум, имаше средба со американскиот потпретседател Џо Бајден. Иванов беше на свечената маса со потпретседателот Бајден, сенаторот Мекејн, како и претседателот на Грузија, Михаил Сакашвили. 

- Мораме да дојдеме до ситуација да откриеме кој е одговорен за извршентие дела, и како дошло до тоа што се случило. Единствен начин да ги победиме демоните е ако искрено и директно признаеме што се случило. Толку напорно работевме во Босна и во Косово, јас и сенаторот Мекејн бевме меѓу најсилнтие гласови кои бараа да се отвори трибунал за воени злосторства. Потребно е секоја нација да го прифати тоа што го сториле нејзините претставници, не смее да се дозволи луѓето да велат дека не знаеле што се случувало. Најдобрата работа што ја направи Германија беа трибуналите за воените злосторства, бидејќи на тој начин станаа голема демократија како што се денес. Инсистираме истото да се случи и во Србија, и на Балканот. Тоа е пат за нацијата да нема да молчи околу овие настани, изјави Бајден во своето обраќање, во кое фокусот го стави на актуелните домашни политички настани во САД како што е расправата околу законите за пристапот до оружјето.

Претседателот Иванов, кој во САД допатува од посетата на Канада, имаше и подолга средба со канадскиот министер за одбрана Питер Мекеј, кој исто така учествува на форумот Седона, а предвидено е да учествува на денешната панел дискусија, која ќе биде посветена на интеграциите во Европа. Главна тема на Седона Форумот е ширењето и одбраната на демократијата во светот. 

најчитано сега