Павле Трајанов: Далеку од памет е да се каже дека јас сум го следел ВМРО-ДПМНЕ

Екс министерот за внатрешни работи од владата на Љубчо Георгиевски, Павле Трајанов негира дека има каква било поврзаност со идеолошкото следење на ВМРО ДПМНЕ како партија во периодот од 1998 до 2000 година, информација што излезе во јавноста како резултат на објавувањето на архивските документи од тајните служби. Трајанов во интервју за Прес24, вели дека тој уште кога дошол за министер во 1998 дал налог за прекин на сите идеолошки следења.

- Во 1998 година, кога ја презедов функцијата, прва наредба беше да се престане со било какви активности сврзани со следење, прислушкување или продолжување со полициска обработка на лица од политички и идеолошки причини. Имаше отпори и коментари дека со ваквата одлука ќе ја загрозам безбедноста на државата и сл. Далеку од паметот е дека продолжило следењето на ВМРО-ДПМНЕ и во тоа време, вели Трајанов за Прес24.

Но дали било можно следењето на ВМРО ДПМНЕ да продолжи и без тој да знае како министер, со оглед на тоа дека објавените документи покажуваат активности на службите за членови на ВМРО ДПМНЕ и до јуни 2000 година

 - Процесот на трансформација на СДБ бавно се одвиваше. Тешко беше некои оперативци да ги разубедите дека не се непријатели на Македонија тие што се залагале за независна Македонија. Можно е некои да пишувале извештаи или да го смениле основот за обработка, на пример дека некој подготвува терористички акт, работи за странска служба и сл. Се сеќавам имаше обид близок соработник на премиерот Љубчо Георгиевски да му се контролираат телефоните, но тоа беше спречено. Сепак со СДБ раководеа повеќе директори: Зоран Верушевски, Алексо Доневски и Бојан Бојановски, додека Лубе Бошковски беше заменик директор на СДБ (Дирекција за безбедност и контра разузнавање), вели Трајанов за Прес24.

Неговиот Демократски сојуз, партија со која беше во коалиција со ВМРО ДПМНЕ сега е иницијатор за десно-центристичка коалиција за изборите. Основите на коалицијата се поставени и сега врши нејзино окрупнување.

Трајанов во интервјуто за Прес24, зборува и за релациите со СДСМ и со ВМРО ДПМНЕ

 

ПРЕС24: Господине Трајанов последната промоција на 202 досиеја од Државниот Архив на Македонија, предизвика доста реакции, особено од говорот на промоторот, професорот Александар Даштевски. Тој изнесе еден податок, досега непознат дека следењето на ВМРО ДПМНЕ како политичка партија траело до 2000 година, кога на чело на МВР доаѓа Доста Димовска. Даштевски вели дека отвореното досие за оваа партија во деведесетите било активно и во времето кога Вие бевте министер за внатрешни, во коалиционата влада на Георгиевски?

ТРАЈАНОВ: Во 1998 година, кога ја презедов функцијата, прва наредба беше да се престане со било какви активности сврзани со следење, прислушкување или продолжување со полициска обработка на лица од политички и идеолошки причини. Имаше отпори и коментари дека со ваквата одлука ќе ја загрозам безбедноста на државата и сл. Далеку од паметот е дека продолжило следењето на ВМРО-ДПМНЕ и во тоа време.

Инаку најмногу членови и функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се следени и прислушкувани во времето на Доста Димовска и Гордана Јанкуловска. Против Доста Димовска се водеше кривична постапка поради незаконито прислушкување, а покасно беше аболицирана.

ПРЕС24: Вие тврдите дека немате никаков документ потпишано како министер со кој би се продолжило следењето на ВМРО ДПМНЕ?

ТРАЈАНОВ: Такво нешто никогаш не се случило. Бунтот што го дигнавме во 1989 година во РСВР беше токму поради злоупотребата на СДБ во дискредитација на противниците на Сојузот на комунистите. Осуммината, но и сите вработени во РСВР ја најавивме демократската пролет во Македонија, затоа имаше идеја за наша “изолација”и ликвидација.

ПРЕС24: Дали било можно такво нешто да се случува без Ваше знаење?

ТРАЈАНОВ: Процесот на трансформација на СДБ бавно се одвиваше. Тешко беше некои оперативци да ги разубедите дека не се непријатели на Македонија тие што се залагале за независна Македонија. Можно е некои да пишувале извештаи или да го смениле основот за обработка, на пример дека некој подготвува терористички акт, работи за странска служба и сл. Се сеќавам имаше обид близок соработник на премиерот Љубчо Георгиевски да му се контролираат телефоните, но тоа беше спречено. Сепак со СДБ раководеа повеќе директори: Зоран Верушевски, Алексо Доневски и Бојан Бојановски, додека Лубе Бошковски беше заменик директор на СДБ (Дирекција за безбедност и контра разузнавање).

ПРЕС24: Дали Вие како тогашен министер за внатрешни имавте какви било информации за постоењето на случајот „Темел“ и процесот во МВР за следење на ВМРО ДПМНЕ?

ТРАЈАНОВ: За сите активности на СДБ на еден или друг начин сум имал информации, затоа подготвив закон за отворање на политичките досиеја и лустрација на кодошите, но поради отпорите во Коалиционата Влада и војната во Југославија тој процес се пролонгира. Професионалните обврски ме обрзуваат сите работи да не ги обелоденувам. Вистината за тоа кој се потпишувал да се следи ВМРО-ДПМНЕ е поразителна за истата партија.

ПРЕС24: Како Вие го коментирате објавувањето на 16 тома на документи од тајната полиција поврзани со идеолошко следење од 1945 до 2000 година, што излезе во издание на Архивот?

ТРАЈАНОВ: Се треба да се објави, интегрално, без селекција, па граѓаните нека судат, дали имало основи за обработка на некого или не. Но треба да се води сметка да не се одрази на одбранбената моќ на државата и приватноста на граѓаните. На една трибина имаше двајца кои биле под контрола на СДБ, тие се претставија како жртви на поранешниот систем, ги прашав, може ли да го објавам основот зошто биле следени, и двајцата едногласно одбија.

ПРЕС24: Да се вратиме на политичката состојба во Македонија. Ќе има ли избори на 11 декември?

ТРАЈАНОВ: Демократскиот сојуз и Коалицијата за ПРОМЕНИ и ПРАВДА сме подготвени за избори. Дали ќе има избори зависи од владејачките партии од нивниот рејтинг.

Агонијата долго трае и во интерес на граѓаните и државата е да се одржат фер, демократски и кредибилни избори. Треба во корен да се отсечат можните обиди за кршење на изборните правила, притисоци, купување на гласачи, гласање за друг и други ујдурми. МВР треба да се издигне над партиските влијанија и да делува превентивно.

ПРЕС24: Вие дефинитивно останувате надвор од опозициската коалиција на СДСМ?

ТРАЈАНОВ: Демократскиот сојуз е автентична политичка партија, со 52 општински организации и над 32000 членови. Подготвивме модерна изборна програма, сме подготвени да направиме системски промени и да ги промениме работите во целина. Коалицијата за ПРОМЕНИ и ПРАВДА се шири и затоа настапуваме како нов и силен центристичко десен блок.

Според анкетите засега над 120.000 граѓани би го подржале ДС и блокот. Оваа коалиција е предизвик на граѓаните и таа ќе одлучува за формирањето на новата влада и за приоритетите.

ПРЕС24: Зошто?

ТРАЈАНОВ: На граѓаните им преку глава од црно белата политичка слика. Сакаат коренити промени, сакаат тие што го ограбија народот и ги протераа најкреативните кадри од Македонија за тоа да одговараат. Украдениот капитал да го вратат на народот, а тие да не можат да бидат повторно функционери. Тоа е доминантната граѓанска определба и сигурен сум дека ќе има промени како предуслов за правда и одговорност.

ПРЕС24: Највувате десен политички опозициски блок. Кој се веќе е дел од тој блок?

ТРАЈАНОВ: Демократскиот сонуз, ФРОДЕМ, ДЕМОД и МОРО - Работничка партија. Во тек се разговори со ВМРО-НП, ОМ, Достоинство и други партии, граѓански асоцијации, бизнис и други групации. Подготвуваме заедничка платформа. Оваа коалиција ќе биде центристичко десничарска и ќе направи пресврт во Македонија.

ПРЕС24: Дали оваа поделба на лев и десен опозициски блок, сепак е дел од некаква координација со СДСМ?

ТРАЈАНОВ: Ова коалиција ја промовиравме во пролета и е целосно самостојна, но имаме иста цел со сите опозициски партии - да се сруши режимот и отворат перспективи за Македонија.

ПРЕС24: Кои ќе бидат позициите на овој десен блок постизборно, во смисла на евентуално коалицирање?

ТРАЈАНОВ: Формирање на Влада на програмски и принципиелни основи. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе бидат надвор од неа и во опозиција. Претстои многу работа за обнова на Македонија и влез во ЕУ и НАТО.

ПРЕС24: Вие бевте десет години дел од коалицијата со ВМРО ДПМНЕ, ја напуштивте за време на бомбите на СДСМ.  Дали сега сметате дека напуштањето на коалицијата беше погрешно?

ТРАЈАНОВ: Коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ не беше на принципиелни и искрени основи. Бомбите само ги покажаа и потврдија разликите. ДС беше и останува на определбите дека за масовното прислушкување, изборните кражби и тешките облици на криминал мора да се понесе одговорност. Со изборите не може да се покрие криминалот и избегне одговорноста. Тој процес е започнат и не може никој да го запре.

ПРЕС24: Изјавувате дека со Груевски сте имале несогласувања и порано, сепак напуштањето на владината коалиција во периодот на бомбите кај многумина отвора сомнеж дека тој потег бил резултат на некакви сценарија за притисок и уцени од СДСМ. Ви вршел ли некој од СДСМ закани дека ако не го напуштите Груевски ќе следуваат и бомби за вас или ваши партиски функционери?

ТРАЈАНОВ: Досега во животот никој не се осудил да ме уценува, и најмалку тоа може да го прави партија. Убеден сум дека МВР го вршело прислушкувањето, разговорите се автентични (не интегрални) и за тоа мора да се понесе одговорност. Нема странски служби, црни сценарија, жолти комбиња и други искажани будалаштини. Точно се знае кој давал налози за прислушување и кој ги користел тие материјали и за кои цели.

ПРЕС24: Дали Специјалното јавно обвинителство е пристрасно како што оценува владејачката партија?

ТРАЈАНОВ: СЈО работи стручно, професионално и транспарентно. Така треба да продолжи, но треба да се создадат услови за дa не се попречува правдата од поединци во судовите и државните институции и да се формира посебно судско одделение во рамките на Кривичниот суд во Скопје. СЈО во случајот ШПИОН требаше да бара повторување на постапката, а не намалување на казните.

ПРЕС24: Господине Трајанов, мислите ли дека и овој случај со нелегалното прислушување ќе заврши без одговор на суштинското прашање, кој организираше нелегално прислушкување, слично како што тоа остана неразјаснето и во случајот во 2000 година?

ТРАЈАНОВ: Веќе одговорив, очекувам судска разрешница. Има доста докази за тоа кој се е вмешан во оваа мега афера и за тоа ќе одговараат.

ПРЕС24: Дали по изборите ќе има решение на политичката криза или пак нејзино продлабочување?

 

ТРАЈАНОВ: Изборите треба да ја одразат волјата на граѓаните. Ако тоа се случи, изборите ќе бидат почеток на стабилизација на состојбите и отворање на перспективи за младите да останат овде и ја градат Македонија како современа европска и демократска држава.

 
 
05.10.2016 - 10:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега