Андонов до сопственичката на МИТ: Не си барајте алиби - вашите политички ставови никого не засегаат

Заменик Министерот за внатрешни работи, Оливер Андонов во изјава за Press24 ги демантира обвинувањата на сопственичката на МИТ, Билјана Апостолова дека против неа се водела политичка хајка оркестрирана токму од заменик министерот, кој порано бил професор на истиот факултет.

„Во врска со денешните настани поврзани со постапувањето на полицијата на МИТ универзитет може да кажам дека за истите дознав утрово кога по службена должност бев информиран дека по наредба на ОЈО е наредено припадници на МВР од одделот за организиран криминал да влезат во просториите на истиот и извршат претрес поради сомнение за постоење криминал.
Со оглед на тоа дека до 14.04.2016 година бев вработен во МИТ универзитет, кога самиот си дадов отказ на работното место, но и поради тоа што целиот случај е воден од ОЈО, не сакав да имам дополнителни информации за тоа по кој основ се преземени истражни мерки против универзитетот ниту на било кој начин да бидам вмешан во истрагата.
Сите наводи на сопственичката на универзитетот дека против неа се води политичка хајка се неточни, како и тоа дека работењето на МВР по овој случај има било каква поврзаност со политиката или со мене.
Целата постапка е започната и се води од страна на ОЈО и за истата никој надвор од обвинителството нема информации се до сега.“ – вели Андонов во изјава за Press24

Тој ја упатува Апостолова да побара информации во ОЈО, каде што се води случајот

„Според информациите кои ги имам, ОЈО и понатаму ќе постапува според своите овластувања и наводи во истрагата, а тоа нема никаква врска со мојот ангажман во МВР ниту пак со политичките ставови на сопственичката.
Сите нејзини обвинувања изнесени за наводна политичка мотивација се крајно неосновани и упатени на погрешни адреси.
Ја упатува госпоѓата Апостолова сите свои забелешки да ги расчисти со Јавното обвинителство а не со барање алиби преку наводно водење на политичка хајка против неа. Нејзините политички ставови се нејзина лична определба и никого не засегаат.“ – вели Андонов.

 

 

 
 
05.10.2016 - 23:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега