Македонија добива нови километри патишта - најголем инвестициски циклус досега

Македонија добива нови и нови километри автопатишта. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го реализира најголемиот инвестициски циклус во патната инфраструктура. Се градат три целосно нови автопати, се реконструираат делници по Коридор 10, се вложува во нови експресни патишта, регионални и локални патни правци кои значително ќе го олеснат транспортот, ќе го олеснат животот на граѓаните и ќе ја подобрат мобилноста, ќе ја зголемат безбедноста. Долгорочно, се подобрува конкурентноста на целата економија, пишува Лидер.мк.

Пробиена е трасата за автопатот кон Штип

Целосно е пробиена трасата за новиот автопат кон Штип во должина од 47 километри. Проектот вреден 207 милиони евра станува реалност, Македонија ќе добие нов автопат најдоцна до февруари 2017 година. Веќе се завршени половина од вкупно предвидените градежни работи, асфалтирани се повеќе од 20 проценти од трасата.

Инженерите велат дека е ова автопат по сите светски стандарди.

-Овој автопат има две делници: Миладиновце – Свети Николе и Свети Николе – Штип. Ќе има по три коловозни летни. Квалитетот на градба е одличен и задоволни сме од досега сработеното, вели главниот надзорен инженер, Томислав Ковачовски.

На терен се повеќе од 350 машини и 850 работници, најголемиот дел од нив се од македонски компании. Властите велат дека ќе се стаса со роковите, бидејќи оперативата е во полн ангажман.

340 километри нова патна мрежа!

Во Македонија се случува градежна експанзија, се градат 340 километри патна мрежа.

Република Македонија е едно големо градилиште. 900 милиони евра се обезбедени за изградба на патната мрежа само за оваа година. Нашиот фокус е дефинитвно патната инфраструктура“ – вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Се вложува и во Коридорот 8 и во Коридорот 10, се градат три автопати: Миладиновце – Штип, Кичево – Охрид и Демир Капија – Смоквица.

„Изградбата на овие автопатски делници претставува изградба на капитални проекти од национално значење, бидејќи само со овие автопатски делници се зголемува вкупната автопатска мрежа во државава за 50 проценти“ –  вели владиниот портпарол, Александар Ѓеоргиев.

Делницата од Демир Капија до Смоквица во должина од 28 километри е во завршна фаза. Ако сè оди според планот, во функција треба да биде ставена во почетокот на идната година. Се работи за проект вреден 210 милиони евра што се финансира со европски пари.

Ова е клучна делница за Македонија и за домашната економија, бидејќи со неа се заокружува целиот Коридор 10 на ниво на автопат.

„Многу е важно максимално да ја зголемиме безбедноста на Коридорот 10, бидејќи е еден од транснационалните коридори“ – вели министерот Мисајловски.

За овој коридор се реализира тендер за обнова на потегот од Скопје до Куманово во должина од 23 километри, градежните работи во обратен правец се веќе активни, се работи и на потегот од Смоквица со Гевгелија, а целосно ќе се реконстуира и делницата Неготино – Демир Капија.

 

Автопат кон Охрид – инвестиција од непроценливо значење

Паралелно, со парите од кинеската Ексим банка се реализира еден од најважните инфраструктурни проекти воопшто во земјава, автопат до најголемиот туристички центар. Делницата од Кичево до Охрид е во должина од 57 километри, инвестицијата е вредна 374 милиони евра.

Проектот е комплексен, инженерите велат дека е ова најсложениот инфраструктурен зафат во последните 50 години. Со две летни од двете страни и дополнителни за запирање, со зелен појас, 6 надзвозници и 13 подвозници, тунели кои ќе се следат од контролна соба со камери, автопатот кон Охрид ќе биде ултра модерна сообраќајна делница. Ангажирани се повеќе од илјада работници, автопатот се очекува да биде готов во 2018 година.

Капитални проекти во источна Македонија

Крупни и капитални проекти се реализираат во источна Македонија. Освен автопатишта, во овој дел од земјава ќе се градат и експресни патишта од Штип до Кочани и од Радовиш до Штип. Првиот проект е вреден 53 милиони евра, вториот 64 милиони евра, а ќе се работи и на потегот од Ранковце до Крива Паланка.

-Во тендерска процедура се и патиштата Штип – Кочани и Штип – Радовиш, се работи и на рехабилитација на патот Кочани – Делчево, Струмица – Ново село“ – вели директорот на Агенцијата за државни патишта, Александар Стојанов.

Експресниот пат од Велес до Штип во должина од 26 километри е речиси готов, асфалтирањето ќе заврши за неколку дена. Се работи за капитална инвестиција во вредност од 15 милиони евра, пари обезбедени преку Европската банка за обнова и развој.

-Во источниот дел на државата се работи на реконструкција и изградба на повеќе патишта во должина од 120 километри за кои се инвестирани 230 милиони евра. Во следниот период ќе започне изградба на уште три експресни патишта, од Штип до Кочани, од Штип до Радовиш и од Ранковце до Крива Паланка. Овие патишта ќе бидат во вкупна должина од околу 200 километри, а за нив ќе бидат инвестирани над 200 милиони евра. Со ова сериозно ќе биде подобрена патната инфраструктура во источна Македонија, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Веќе е распишан и меѓународен тендер за втората делница од патот Прилеп – Градско. Првата делница е во изградба. Проектот треба целосно да биде готов до 2019 година.

 
 
07.10.2016 - 09:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега