Груевски: Нова инвестиција од 600 вработувања, Македонија се сака со дела

Нова инвестиција за нови 600 директни вработувања. Грчката компанија Цераметал од Атина донесе одлука да инвестира во Битола, поточно во нов капацитет во индустриската зона Жабени, за производство на метални производи, конструкции и на материјали за заварување што наоѓаат примена во енергетскиот и градежен сектор, напиша на својот ФБ профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-По целосната реализација на инвестицијата и остварување на бизнис планот ќе се вработат 600 луѓе кои се без работа. Компанијата веќе има купено земјиште во индустриската зона од 45 илјади м2, а во почетната фаза е планирано да се вработат околу 150 вработени, а до реализација на втората фаза ќе се дојде до отворање на 600 работни места. Покрај тоа ќе се отворат и индиректни работни места како вршители на трети услуги, односно добавувачи и одржување на погоните, напиша Груевски.

Груевски нагласува дека конечната зацртана сума која ќе ја инвестираат е 12 милиони евра, а во првата фаза 5 милиони евра.

-Производите на оваа грчка компанија се извезуваат највеќе на германскиот пазар, но се присутни и се извезуваат во Шпанија, Канада, Бразил, Јапонија и други држави. Ова ќе биде значаен потик за економијата, но и ќе овозможи нови вработувања во Битола и Битолско. Првиот контакт со инвеститорот го направи преставник на кабинетот на Премиерот од секторот за привлекување на странски инвестиции Слободан Тодоровски, заедно со Општината Битола и градоначалникот Талевски. Во активностите беше вклучен и координаторот на владиниот сектор за странски инвестиции Данчо Николовски, кои заедно активно работеа на самото реализирање на проектот. Во контактите со инвеститорот беше вклучена и Ивана Николиќ, а оваа инвестиција беше финиширана со несебичната и енергична помош и големо залагање на Џери Наумоф, кој ги договори деталите и заедно во соработка и поддршка со општината Битола, градоначалникот Талевски и Директорот на индустриска зона “Жабени” Сашо Илковски се успеа да се дојде до нова одлука и нова инвестиција која ќе значи 600 нови вработувања. Зборот е одржан. По договорот за инвестирање со СТС Текстил, почетокот на работа на Костал, инвестицијата на Цераметал е трета инвестиција за три дена и нови над 2600 работни места. Нема подобар начин да се одбележи денешниот државен празник со нова најава за инвестиција, затоа што задачата на политичарите е да создаваат и придонесуваат за напредокот, затоа што Македонија се сака со дела. Нашата цел е силна економија за силна Македонија. Продолжуваме!, напиша Груевски. 

 
 
11.10.2016 - 13:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа