Врачена државната награда „11 Октомври“ за 2016 година

 На ликовниот уметник Благоја Маневски, писателот Раим Ганији, пијанистката Елена Мисиркова и актерот Атила Клинче денеска во Собранието на Република Македонија им беше врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста за 2016 година. 

Одлуката минатиот месец ја донесе Одборот за доделување на наградата „11 Октомври“. Таа е највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Република Македонија. Наградите им ги врачи претседателот на Одборот, академик Митко Маџунков, кој во обраќањето зборуваше за значењето на државата и државноста. 

- За да бидеш, треба јасно да знаеш што си бил, што си и што бараш од својата иднина. Државата е основниот предуслов за нашиот опстанок. Додека имаме држава, без оглед на тоа кој и како ја води, имаме и надеж дека нашата физичка и духовна супстанција ќе се сочува. Без држава, првиот удар ќе биде врз она најважното - јазикот со се што е создадено на него... Денот што го славиме денеска е симболот на нашите заеднички стремежи, без оглед на сиот тек на околности. Тој ден овозможи супстанцијата на нашиот народ да биде спасена... Ваквите високи државни награди се доделуваат за да се потсетиме дека над нас има нешто што не надраснува, што е поважно од нас самите, тоа е покривот над нашите глави што се вика држава, истакна Маџунков.

 

Во име на четворицата добитници на годинашната награда „11 Октомври“ се обрати пијанистката Елена Мисиркова, која е потомок на основоположникот на македонската лингвистика Крсте Петков Мисирков. 

Пијанистката родена во Скопје која живее во Виена и има богата интернационална кариера, рече дека благодарноста најдобро би ја изразила преку музиката.

 - Сепак се решавам, и од име на лауреатите, акцент да ставам на сите оние коишто се вложија во нашата кариера - прво на нашите родители кои несебично дадоа се за ние да одиме напред, на нашите професори, на претставници на македонските институции кои максимално се вложуваат и се ангажираат за ние да можеме да твориме на нашиот пат, да останаеме доследни на нашето кредо, рече Мисиркова. 

Таа е првата македонска уметница која имала солистички концерт во „Карнеги хол“ во Њујорк. Има голем број настапи на значајни фестивали во Македонија, Австрија и низ светот, а од 2007 година ја носи титулата почесен амбасадор на македонската култура во Австрија.

 

Уметникот, проф. Благоја Маневски, создал голем број ликовни дела кои ја претставувале Република Македонија на елитни уметнички манифестации низ светот, меѓу кои и на престижното Венециско биенале. Има голем придонес и во развојот на ликовното образование и педагогија. 

Раим Ганији е поет и романсиер и познавач на филозофијата, присутен во голем број антологии. Литературните критичари го оцениле како многу продуктивен творец и комплексен писател, потврден со највисоки естетско-уметнички вредности.

Атила Клинче е актер, 13 години професор на Факултетот за драмски уметности и директор на НУ Турски театар-Скопје. Има одиграно повеќе од 70 театарски улоги и повеќепати е наградуван. Заслужен е за објавувањето монографии за установата што ја раководи и за реализирани 48 проекти со што го издигнал Турскиот театар во една од водечките театарски куќи. 

 
 
11.10.2016 - 14:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега