Од понеделник се забранува и хрватската музика во Македонија

На седница на Управниот одбор на организацијата ХДС- ЗАМП е одлучено да се забрани користење на нивниот музички репертоар на сите радио и телевизиски станици на територија на Република Македонија. Согласно известувањето оваа забрана стапува на сила веднаш. ЗАМП Македонија како организација која е овластена да ги превземе сите потребни мерки за спроведување на забраната и заштитата на правата на членовите на ХДС- ЗАМП, а врз основа на склучените мегусебни договори за реципроцитет, известува дека забраната почнува од 17.10.2016 година.

Во писмото од ХДС-ЗАМП стои (превод):

Би сакале да Ви се обратиме во врска со последните случувања поврзани со заштитата на авторските права во Македонија. односно дадената Лиценца на новото Здружение (СОКОМ МАП) и следствено нивниот предлог Тарифник кој го имаат поднесено до Министерството за култура при Владата на Македонија.

Актуелната тарифа која е во сила во Македонија е веќе пониска од тарифите во земјите од регион, како и во Европа и пошироко, а предлог Тарифата на новото Здружение ја отвора можноста авторските дела уште повеќе да бидат девалвирани доколку истата биде прифатена од страна на надлежните органи.

Одблиску ги следиме настаните во Вашата земја и би сакале да ја изразиме нашата загриженост во однос на тоа дека континуитетот на авторската заштита во Македонија е ставен во ризик, со штетни последици врз авторската заштита и на штета на вредноста на музичките дела на сите автори, домашни и странски.

Со цел да се спречи понатамошно обезвреднување и девалвирање на делата на нашите членови. Ве известуваме дека Управниот Одбор на хрватското Здружение за заштита на авторски права (ХДС ЗАМП) на Седницата одржана на 11 Октомври 2016 година донесе едногласна одлука, а во согласност со потпишаниот реципрочен Договор, да побара од ЗАМП Македонија да ја повлече дозволата за користење на репертоарот на ХДС ЗАМП од сите РАДИО и ТВ-дифузери на територијата на Македонија, стартувајќи веднаш.

Со ова го овластуваме ЗАМП Македонија да ги превземе сите мерки кои се потребни за спроведувањето на повлекувањето на репертоарот на ХДС, како и за заштитата на интересите на членовите на ХДС кои ги застапуваат во Македонија. 

 
 
14.10.2016 - 11:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега