Нови инвеститори во индустриската зона „Жабени“ во Битола

Во индустриската зона „Жабени“ во Битола наскоро ќе инвестираат две нови компании од Италија и Турција.

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески денеска соопшти дека компанијата од Турција ќе произведува алатки за земјоделски машини, а компанијата од Италија ќе гради фабрика за преработка на зеленчук во прав.

- Кон новиот инвеститор „Цера метал“ од Атина, кој купи повеќе парцели за својата инвестиција вредна околу 12 милиони евра, наскоро ќе се придружат уште два нови инвеститори. Станува збор за една компанија од Турција која ќе произведува алатки за земјоделски машини, и една компанија од Италија која ќе гради фабрика за преработка на зеленчук во прав за потребите на хотелиерите, рече Талески на прес-конференција.

На прес-конференцијата организирана по повод 4 Ноември - Денот на ослободувањето на градот, градоначалникот Талески се осврна и на реализираните инфраструктурни проекти и на оние што се планира да бидат спроведени во следниот период. Најави дека наскоро ќе се реализира и акција за пошумување.

- Подготовките за акцијата се во тек и ги повикувам граѓаните да се јавуваат во ЈП „Комуналец“ каде бесплатно ќе добијат дрвца садници кои ќе ги засадуваат во својот двор, населба или друга локација со што ќе овозможиме освен пошумување да има и засадување дрвца во урбаниот дел на градот, рече Талески.

По повод Денот на ослободувањето на Битола вечер ќе се одржи  ноќна атлетска трка на Широк Сокак, а утре претпладне градоначалникот Талески ќе приреди прием за претставниците на Сојуз на борци и гости од збратимените градови. Утревечер ќе се одржи свечена академија на која ќе бидат доделени наградите „4 Ноември“. Годинашен добитник на наградата „Животно дело“ е пијанистката и основач на фестивалот на класична музика „Интерфест“ , Милица Шперовиќ Рибарски

 
 
03.11.2016 - 14:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега