Комплетно ќе биде реновирана Универзитетската клиника за кардиологија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денес најави комплетно реновирање и адаптација на објектот на Универзитетската клиника за кардиологија, во рамки на новите мерки во областа на здравството кои ги промовираше денес.
-Ова е многу значајна инвестиција, имајќи предвид дека постојниот објект на Клиниката е стар околу 40-тина години и ова ќе биде прв поголем градежен зафат на оваа клиника. Ќе се изврши комплетно обновување на инфраструктурата и ентериерот на објектот, опфаќајќи ги одделот за интензивна нега, стационарот и други содржини, со цел овозможување посовремени услови за третман на овие пациенти. Со комплетно реновирање на објектот ќе се овозможи и унапредување на функционалноста на лифтовите, енергетската ефикасност, затоплувањето, вентилацијата, водоводот, канализацијата, противпожарната заштита, а ќе бидат комплетно обновени и прозорците, вратите, подовите, плафоните, ѕидовите и покривот, истакна Груевски.
Тој посочи дека оваа инвестиција ќе изнесува околу 180 милиони денари и по завршувањето на комплетната реконструкција ќе се добијат современи услови за работа на македонските лекари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа