Иванов и Канческа-Милевска ја посетија битолската библиотека „Св. Климент Охридски“

Министерството за култура континуирано ги помага инвестициските проекти на Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола, која располага со фонд од над 600.000 книги, со мултифинкционална библиотека, а од денеска и со нова детска библиотека. Ова го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која заедно со претседателот Ѓорге Иванов ја посети оваа национална установа.

Министерката Канческа-Милевска информира дека Министерството за култура завршило со проектот Антологија на детската литература, кој наскоро ќе се промовира, а дел од материјалот ќе биде дистрибуиран и во детската библиотека во Битола.

- Реновираната детска читална е проект на Министерството за култура, кој се става во функција на децата, а наскоро ќе биде купена и нова литература, која ќе може да ја изнајмуваат децата од предучилишна и училишна возраст. На овој начин, Библиотеката ќе им овозможи на децата да се надградуваат, образуваат и да читаат прекрасни изданија, рече Канческа-Милевска.

Таа потсети на досегашните инвестиции во библиотеката, како реконструираната фасада, изградбата на нов објект функционално поврзан со стариот, сала за промоции и други инвестиции од над 32 милиони денари.

- Сите вложувања се во функција на љубителите на книгата на целокупната читателска публика во Битола. Ние ќе продолжиме со издвојување средства за нови дела и едиции, кои како капитални проекти ги реализира Министерството за култура. Библиотечната дејност е многу значајна во делот на културната политика на Министерството за култура и ќе продолжиме со инвестиции за да се привлече уште поголема читателска публика, истакна Канческа-Милевска. 

Во знак на благодарност за поддршката на инвестициските проекти, директорката на универзитетската библиотека Лили Бошевска на министерката Елизабета Канческа-Милевска и врачи признание и дел од изданијата на библиотеката. 

 
 
04.11.2016 - 14:26
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега