Жидас Даскаловски: Евентуално непризнавање на резултатите би било несериозно

На овој или оној начин на 12 декември ќе завршиме еден циклус од поновата политичка историја, работите ќе се придвижат напред, а сите евентуални политички тензии, ќе бидат со намален интензитет, вака универзитетскиот професор Жидас Даскаловски ја гледа Македонија по изборите на 11 декември. Во интервју за Прес24, Даскаловски вели дека актуелната предизборна состојба во државата наликува на Македонија во отоманскиот период од XIX и почетокот на XX век. Сепак, смета дека на 11 декември вечерта нема простор за ново непризнавање на изборните резултати.

-Редно би било поразениот да подаде рака на победникот кој и да е тој. Меѓународната верификација на изборите би помогнала кон таа насока. По две непотребни одложувања изборите се веројатни, а вниманието на сите кои ќе ги набљудуваат заострено така што евентуалните непризнавања на резултатите би биле несериозни, вели Даскаловски за Прес24.

Според него од исклучително важно за Македонија е СЈО да работи непристрасно.

-Злоупотребата и непрофесионалното работење на СЈО дополнително би ја влошиле кризата. Граѓаните имаат право да се разоткријат евентуалните нарушувања на законите што произлегуваат од т.н. бомби. Досегашното работење на СЈО видовме многу театар и појавување пред камери, но очекуваме разрешници, без многу помпа, вели во интервјуто Даскаловски.

Професорот Даскаловски во интервјуто прави и анализа за политичките состојби во светот по изборите во САД, како и за тоа како тоа ќе се рефлектира врз Балканот.

-Тешко е да се каже дали е подобро да продолжи трендот на демократите каде сме во „линија на огнот„ и каде регионот е колатерална штета на судирите на интереси предимствено на Вашингтон и Москва, но и на ЕУ и Турција, а делумно и на Кина и арапските богати држави, плус ИСИС или пак би било подобро доколку САД се повлече од активно влијание на Балканот со победата на Трамп. Евидентно е дека победата на Трамп  дава една веројатност на ставање на Балканот во втор план, а таква една надворешна политика на САД во почетокот на деведесетите години од минатиот век доведе до хаос во бивша Југославија, каде Европејците потполно се изгубија во своите сплеткарење, фракционерства, и следење на посебни национални интереси на големите држави членки наместо на една заедничка политика, вели во интервјуто за Прес24, Жидас Даскаловски, универзитетски професор.

ПРЕС24: Иако светот е соочен со сериозни предизвици, сепак најзначајната тема последните две недели останува изборот на нов американски Претседател. Има ли вистински избор меѓу Доналд Трамп и Хилари Клинтон?

ДАСКАЛОВСКИ: Во САД долго време изборот се сведува помеѓу поумерено и порадикално десничарство. Демократската партија е преставена од кандидати кои се дел од естаблишментот и се залагаат за релативно мали промени во системот во насока на создавање на услови за социјалдемократко управување какво што во историјата постоело на пример во време на претседателот Теодор Рузвелт. Во таа насока обидот на Берни Сандерс  да се здобие со номинација за кандидат претседател во рамките на демократската партија беше помалку револуционерен, за американски стандарди, чекор кој за малку не успеа. Помеѓу Клинтон и Трамп изборот е во однос на прашања кои се идентитетски и кои немаат многу врска со фундаменталните, економски проблеми со кои се соочува мнозинското население во САД, каде средната класа се губи а најбогатите се богатат. Тука станува збор за прашања од типот на однос кон мигрантите, права на малцинствата во самата држава, улогата на САД во глобалната економија, статусот на белите американци наспроти останатите и слично. Факт е дека традиционално белците во САД со мнозинство го подржуваат кандидатот на републиканците, што е случај и со поддршката за Трамп. Разликата помеѓу двата кандидата е јасно видна во идеите за надворешна политики и трговија. Кај трговијата на пример, Трамп предлага протектионистички политики во економијата (царини за увоз 35 отсто за Мексико и 45 отсто за Kина), додека Клинтон инсистира на глобални договори за слободна трговија со ЕУ и со Југоисточна Азија. Иако ниеден од кандидатите не вети значителни редукции на јавните трошоци како пензиите и програмите во здравството, поверојатно е дека федералниот долг, задолжувањето на владата на САД, ќе расте.

ПРЕС24: Како изборот на Трамп, а како изборот на Хилари ќе влијае врз голбалната безбедност?

ДАСКАЛОВСКИ: Прашањето за глобалната безбедност односно надворешната политика е прашање на два различни пристапи на кандидатите. Едниот, Клинтон, со голема веројатност ќе ја продолжи моменталната политика на владата на САД за превласт во светот, за утврдување на САД како единствен хегемон во униполарен свет. Трамп, иако кај него ништо со сигурност не може да се тврди, изгледа повеќе како изолационист, барем по своите говори и изјави. Тука би дошло до промени во смисла на најавеното намалување на американското влијание и интервенции директно во разни земји на светот, и индиректно занемарување на улогата на НАТО, каде САД е главен двигател, логистички, политички и финансиски. САД би била заинтересирана да делува само таму каде ќе има директни интереси да дејствува. Моментната дефиниција на тоа што е американски интерес е глобална, и таа во случај на победа на Трамп ќе се промени. Глобалната безбедност со Трамп како претседател ќе биде прашање за кое многу поголеми обврски ќе имаат Европските партнери, како и другите големи регионални сили како Русија, Кина, Јапонија, Индија, Турција, кои едноставно ќе мораат да го пополнуваат вакумот кој САД ќе го создаде. Може да се очекува и дека транснационалните предизвици, како ИСИС, Ал Каеда, картели со нелегална трговија со дрога, луѓе, оружје и слично, ќе бидат потешки за да се справиме со нив. Од друга страна победа на Хилари Клинтон ќе значи продолжување на геополитичкиот конфликт на САД со Русија во секоја смисла, обид за понатамошно сузбивање на ширењето на влијание на Кина, заложби за разбивање на моделот на независна глобална трговија и економски развој на земјите од БРИКС, обид за понатамошна контрола на тековите на достава на гас и нафта од Блискиот Исток во Европа, итн.   

ПРЕС24: Балканот, особено Македонија може ли да очекува каков било бенефит од новата американска администрација?

ДАСКАЛОВСКИ: Тешко е да се каже дали е подобро да продолжи трендот на демократите каде сме во „линија на огнот„ и каде регионот е колатерална штета на судирите на интереси предимствено на Вашингтон и Москва, но и на ЕУ и Турција, а делумно и на Кина и арапските богати држави, плус ИСИС или пак би било подобро доколку САД се повлече од активно влијание на Балканот со победата на Трамп. Евидентно е дека победата на Трамп  дава една веројатност на ставање на Балканот во втор план, а таква една надворешна политика на САД во почетокот на деведесеттите години од минатиот век доведе до хаос во бивша Југославија, каде Европејците потполно се изгубија во своите сплеткарење, фракционерства, и следење на посебни национални интереси на големите држави членки наместо на една заедничка политика. Бидејќи односите во регионот помеѓу Србија и Хрватска, Србија и Косово, како и Босна и Херцеговина и Србија се доста тензични во минатиот период, а внатреполитичките кризи во Црна Гора и Македонија се долготрајни и тешко решливи, при состојба каде во Косово се фрла солзавец во парламентот, и не е јасно како ќе заврши дијалогот во Брисел помеѓу Белград и Приштина, а Албанија не е одвратена од големоалбанскиот сон, тогаш јасно е дека ништо не е јасно, во однос на тоа каков би бил бенефит од новата американска администрација на Трамп, или пак континуитетот на политиките кој би настанал со победата на Клинтон.

ПРЕС24: Трамп е жесток критичар на надворешната политика на САД, но од друга страна држи прилично националистички ставови во поглед на муслиманите. До кое ниво неговиот избор може да ги охрабри и зајакне националистичките, антимигранстки движење во Европа и во останатиот дел од светот?

ДАСКАЛОВСКИ: Победата на Трамп, по референдумот во Британија во врска со останувањето во ЕУ, ќе биде еден вид на континуитет на победите на малиот човек, обичниот граѓанин кој не плови добро во водите на глобализацијата, не е економски моќен, конзервативен е, и има традиционални вредности.  Сигурно е дека десницата и традиционалистите во Германија, Холандија, Австрија, Скандинавија, Франција, Финска, Унгарија и Полска, ќе се радуваат на успехот на Трамп.  Нивните ставови против поголемо прифаќање на мигранти, за поголема улога на централната влада во однос на Брисел, за конзервативни вредности и политики, се нешто блиско со идеите на Доналд Трамп.

ПРЕС24: Колку е реално дека еден Трамп, како поеднка во Белата Куќа може да ги промени историски долгите ривалски односи со Москва?

ДАСКАЛОВСКИ: Доколку Трамп опстои на ставот за една пофокусирана надворешна политика без глобални претензии тогаш ќе се отвори простор ривалството со Москва да биде намалено, односно покрај САД во глобалното владеење и влијание на процесите да се вклучат и Русија, и Кина, и Индија и ЕУ и други актери.

ПРЕС24: Случајот на ФБИ во изборната кампања за таборот на Хилари беше причина да реагира за директна вмешаност и влијание врз изборните резултати. Може ли тоа така да се толкува?

ДАСКАЛОВСКИ: Хилари Клинтон го користи приватниот сервер и електронска пошта за државни работи. Доволно е да ја повторите оваа реченица неколку пати да сфатите дека тоа е недопустлив пропуст кој најдобро ја опишува арогантноста на врвните политичари во САД и светот. Злоупотреба на јавни добра е веројатно противзаконито а сигурно против етиката на јавните функционери. Во таа смисла граѓанинот на секоја земја има право да знае најмногу што може да кандидатите за функција и жалбите на Клинтон се погрешни, иако веројатно поволни за неа во смисла на изборна кампања.

ПРЕС24: Во Македонија се влече слична паралела со засилениот ангажман на СЈО во овој период. Какви се вашите коментари?

ДАСКАЛОВСКИ: Правилното работење на СЈО е полезно за РМ. Злоупотребата и непрофесионалното работење на СЈО дополнително би ја влошиле кризата. Граѓаните имаат право да се разоткријат евентуалните нарушувања на законите што произлегуваат од т.н. бомби. Досегашното работење на СЈО видовме многу театар и појавување пред камери, но очекуваме разрешници, без многу помпа.

ПРЕС24: Како го оценувате функционирањето на СЈО?

ДАСКАЛОВСКИ: За да оцениме како функционира СЈО треба да имаме одредени показатели, или очекување за кои ќе може да утврдиме дека се постигнати или не. СЈО е создадено да ги расчисти сите дилеми дали имало незаконско делување во минатиот период, при што појдовни насоки се т.н. бомби. Сега за сега резултатите ги нема, обвиненијата и истрагите не влеаваат доверба дека истите ќе бидат одржливи во судски процес, но останува да видиме што ќе се случи.

ПРЕС24: Како ја оценувате досегашната предизборна атмосфера во Македонија?

ДАСКАЛОВСКИ: Македонија денес наликува на Македонија во Османско време кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Тогаш меѓу Македонците има разни пропаганди и т.н. партии, „бугарска„, „српска„, „грчка„ кои се обидуваат да допрат до душата на обичниот човек и да го придобијат за својата кауза. Муслиманското население е исто така разделено, со идеи за опстаток на Империјата или реформа на истата. Владее апсолутен хаос каде сите средства се дозволени, пропагандата е со книги, учебници но и со пиштоли, тепање, бесење. Семејства се поделени, села и соседи се гледаат како непријатели. Ваквото екстремно поделување на Македонците завршува со национална катастрофа, пораз во 1903, разединување на ВМРО, и поделба на Македонија во Балканските војни со огромни жртви.  Во секој случај моментно некоординираниот систем на владеење, односно појавувањето на паралелни системи, се крајно штетни и треба да завршат со договор на елитите пред или по изборите и потполна демократизација на партиите и на државата.

ПРЕС24: Испитувањето на јавното мислење покажува дека на 11 декември опозицијата ќе доживее нов изборен пораз. Но, дали има подготвеност за признавање на таков резултат во редовите на опозицијата?

ДАСКАЛОВСКИ: Редно би било поразениот да подаде рака на победникот кој и да е тој. Меѓународната верификација на изборите би помогнала кон таа насока. По две непотребни одложувања изборите се веројатни, а вниманието на сите кои ќе ги набљудуваат заострено така што евентуалните непризнавања на резултатите би биле несериозни.

ПРЕС24: Што ќе се случи на 12 декември. Почеток на излез од кризата, или влез во нов круг на криза?

ДАСКАЛОВСКИ: На овој или оној начин на 12 декември ќе завршиме еден циклус од поновата политичка историја, работите ќе се придвижат напред, а сите евентуални политички тензии, ќе бидат со намален интензитет.

 
 
06.11.2016 - 12:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега