Груевски: Заев не може да победи и самиот е свесен за тоа, бидејќи нема што да понуди

Зошто Заев не може да победи и самиот е свесен за тоа? Затоа што нема што да понуди, затоа што никој не верува дека тој човек може да биде премиер. Затоа што сите знаат дека тоа што денес го кажува утре нема никаква вредност. Зборот за него не вреди. Тоа е човек кој пред најблиските со гордост вели дека нема проблем да излаже нешто денес и да го заборави утре, рече во своето обраќање на Годишната конференција на Унијата на жени, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Човек кој молел кај странци да ја уназадат Македонија во евроатланските интеграции, само за да може да ја критикува нашата Влада. Човек кој нуди насекаде работи кои не може да ги реализира мислејќи дека ќе прелаже некого да гласа за него. Човек кој лицитира со националните интереси и нуди редефинирање на државата, двојазичност на целата територија на државата, и што уште не, само затоа што мисли дека ќе добие кај едните тоа што не го добил кај другите. Човек што својот град го направи гнездо на семејни тендерски врски, човек чии брат, и неговите роднини ги земаат сите тендери во Струмица и велат дека нема ништо незаконско и неетички во тоа, како што нели Катица си го вработи внукот и вели дека нема непотизам во тоа, туку тоа било зајакнување на капацитетите на СЈО, рече Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека тој човек се вика Зоран Заев и повеќе од 64 проценти во неговата изборна единица имаат негативно мислење за него,. Груевски запраша дали таков човек заслужува да биде премиер?

 -Дозволете да ви кажам генерално на што се сведуваат овие избори. Имено, човек во својот живот честопати се соочува со некаков избор, одбира во кое училиште ќе оди, дали и на кој факултет ќе продолжи, што сака да спортува, што би работел, каде сака да оди на одмор, дали додека игра кошарка или фудбал ќе шутне или ќе ја додаде топката на соиграчот…..сето ова се одлуки, некои поважни, некои помалку важни, но тоа се лични одлуки кои секој од нас ги носи. Изборот за себе значи правец во кој сакаш да оди твојата иднина, твоите планови. Има моменти кога човек се соочува со избор кој навидум делува лесен но во суштина е многу тежок, исто како што има одлуки кои изгледаат навидум тешки, но всушност воопшто не се, рече Груевски.

Така е и со овие парламентарни избори кои се пред нас, нагласи тој,  изборот е помеѓу две алтернативи.

-Споредете ги самите. Едната опција која создаваше кризи, и другите кои и покрај се се трудат да работат, да помагаат, да создаваат, да градат и покрај сите пречки и опструкции. Едните кои сееја омраза и поделеност, и другите кои и покрај се, работеа на конкретни проекти и мерки кои го подобруваат вашиот живот. Едните кои се надеваат некој однадвор да ги донесе на власт, и другите кои се надеваат на довербата на народот кој гласа во ова земја, и се трудат да ги исполнат дадените ветувања кон него. На крај на сето ова секој од нас треба да се праша самиот. Со кого ќе ми биде на мене лично подобро, со ВМРО или со СДСМ? Кој ќе сработи повеќе, кој подобро ќе се справи со економските предизвици, кој ќе отвори повеќе нови работни места, ВМРО или СДСМ? Со кого ќе се чувствувам посигурно, кој ќе обезбеди поголема безбедност и лична и национална, ВМРО или СДСМ? Кој има подобар кадар, тим и програма ВМРО или СДСМ? Кој држи повеќе до зборот, до ветувањата, ВМРО или СДСМ? Кој има поголеми успеси во борбата против криминалот и корупцијата, ВМРО или СДСМ? Кој ќе обезбеди повисоки плати, повисоки пензии, повисока социјална помош, на кого повеќе му верувам за тоа, на ВМРО или на СДСМ? Кој ќе биде достоинствен пред уцени, и со кого нема да се срамиме кога еден ден ќе погледнеме наназад, кој ќе ги штити државните интереси подобро…ВМРО или СДСМ?, рече Груевски.

Во суштина ова е едноставен избор и покрај сложените околности во кои се прави, нагласи првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

-Избор помеѓу две комплетно различни концепти и избор помеѓу двајца кои се кандидираат за Премиер, мене или Зоран Заев. На овие избори секој носи одлука по два основа. Ова е одлука за себе, за тоа кој може и знае на тебе и твоето семејство да ти овозможи подобар живот и да ти пружи повеќе можности, и реши повеќе проблеми. За тоа кој има подобра програма со конкретни мерки, која е реална, и нуди решенија на твоите секојдневни проблеми и за која знаете дека со сигурност ќе се реализира. Кој ќе работи попосветено и ќе отвори можности и ти да работиш? Со кого ти и твоите сте посигурни дека нема да ве остави на цедило и може да се потпрете на него? Кој е поработлив и ќе ја движи државата напред? И од поинаков агол, овие избори се и еден вид на друга одлука.  Одлука за Македонија!!! За Македонија која не потклекнува пред уцени и сценарија. Македонија која е силна и нема да дозволи да ја држат под постојана тензија, да ја редефинираат и променат на полошо, и да си поигруваат со нејзе и со извесноста на нејзината иднина, со нејзиниот суверенитет и државност. Македонија која сака да оди напред верувајќи во сопствените капацитети и вредности. Време е Македонија да продолжи да оди напред!, рече Груевски.

На крајот од својот говор Груевски порача доста беше криза и доста ја влечеа државата надолу. Време е да се остави конфликтноста и поделеноста зад нас и да продолжиме напред со силно темпо.

-Ако верувате во Македонија, Вашиот избор е јасен!, заклучи Груевски.

 

 

 
 
07.11.2016 - 13:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега