Апсење во Арачиново: Паднаа терористи кои подготвувале напади во Македонија

Исламски радикали, кои планирале терористички напади на територијата на земјава, биле уапсени во Арачиново и во Косово, соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Уапсените се на возраст од 23 и 24 години и тоа поради инволвираност во подготвување на извршување кривично дело тероризам и за поврзаност со повратници од ИСИС.

- Министерството за внатрешни работи како дел од поширока регионална оперативна акција во борбата против тероризмот на 4 овој месец, по претходно издадени наредби, изврши два претреса од кои едниот во Скопје, а другиот во с. Арачиново. За време на извршените претреси, пронајдено и обезбедено е 24-годишното лице од село Арачиново, додека второто лице е приведено во Косово - рече Чавков на прес-конференција во МВР.

Посочи дека против лицето е поднесена кривична пријава поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело тероризам по член 394-б од Кривичен законик на Република Македонија, при што од страна на судија за претходна постапка изречена му е мерка притвор во траење од 30 дена.

- При претресите се пронајдени и со потврда одземени се мобилни телефонски апарати со СИМ-картички, фотоапарати со микрокартички, метален боксирач, регистарски ознаки, куршум, компјутерски куќишта, таблет, УСБ и разна документација - рече Чавков.

Чавков, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека станува збор за лица за кои постоеле разузнавачки информации од претходно дека се припадници на исламски радикализам, како и дека имаат поврзаност со повратници од ИСИС, односно странски борци.

- Нивните цели беа преземање конкретни терористички акти на територијата на Македонија. Намерите и интенциите на оваа структура се осуетени со навремено добивање разузнавачки информации - рече директорот на Бирото за јавна безбедност.

 
 
10.11.2016 - 14:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега