Претседателот Ѓорге Иванов ја посети МАНУ
Претседателот Ѓорге Иванов денеска ја посети Македонската академија на науките и уметностите и имаше средба со претседателот на МАНУ Таки Фити и со членовите на Претседателството на Академијата. Во пресрет на неговата посета на Бугарската академија на науки идната седмица, Иванов разменил мислења и информации за стратешките правци и теми кои се од интерес за Република Македонија, како и за сегашните и идните активности на МАНУ.
- Претседателот Иванов и членовите на МАНУ разговараа за евроатлантските интеграции на нашата држава, за регионалната соработка и добрососедските односи, како и за соработката на МАНУ со академиите на соседните држави во насока на поттикнување на култура на заемно разбирање и почитување. Тој ги поздрави напорите и активностите на МАНУ за поблиска и поинтензивна научна соработка со академиите од соседството и од регионот, и притоа нагласи дека таквиот начин на комуникација и соработка ќе даде дополнителен импулс на добрососедските односи, негувањето на заедничките вредности и градењето доверба, соопшти Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.
Иванов ги запознал академиците со ангажманите и активностите кои ги презема во градењето на добрососедските односи, за приоритетите на Република Македонија во регионалната соработка, како и за приоритетите на Самитот на „Брдо-Бриони процесот“ на којшто следната година ќе биде домаќин.
- Македонскиот претседател истакна дека како и досега така и во иднина, ќе ја поддржува Академијата во нејзината работа за унапредување и развој на науката, уметноста, културата и образованието, и ќе ги поддржува иницијативите насочени за создавање услови за подобра иднина на граѓаните на Република Македонија, информира Кабинетот.
Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, и членовите на Академијата изразиле задоволство од средбата со претседателот Иванов, на која го информирале за идните активности и проекти на Академијата, како и за научната соработка и конкретните иницијативи кои заеднички ги реализираат со академиите на други држави, особено со Бугарската академија на науки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа