Бедем му се закани на Жерновски

 

Здружението „Бедем“ испрати отворено писмо до градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски во кое бараат тој да се откаже од неговата одлука за проектот „Скопје 2014“.

- Иако свесни дека остранувањето на спомен обележјата на истакнати македонски дејци не е во Ваша надлежност, Ви ставаме јасно до знаење дека доколку се дрзнете на ваков чекор ќе се соочите со жестока реакција на нас бранителите. Но тоа ќе биде реакција и на македонскиот народ кој е горд и со достоинство, свесен за својата историја. Овде не се работи за политика, туку за одбрана на националното достоинство, за одбрана на патриотските чувства и оддавањето почит кон луѓето кои со сопствена жртва се вградиле во создавањето на оваа држава, наведуваат од „Бедем“ во писмото до Жерновски.

Прашуваат од каде е таа негова храброст да се бара отстранвуање на споменикот на бранителите на кој се испишани 75 имиња на бранители кои го дадоа животот за нашата иднина, за вашата, за секој граѓанин на Македонија.

- Да се острани споменикот на Ченто, чиј лик не го скршија комунистите, а сега Вие сакате неговиот спомен да го остраните, да се остранат спомениците на Президумот на АСНОМ, на Питу, на Гоце, на Карев, Чуповски, Шатев...се граничи со лудост, стои во писмото.

Тие потенцираат дека со рушење не се обезбедува заслужно место во историјата, туку со градење и дела. Му порачуваат на Жерновски дека е избран од граѓаните да градите. Рушењето и разместувањето на спомениците, значи рушење на достоинството, честа и угледот на овој народ и оваа држава.

Како бранители, подвлекуваат од „Бедем“, кои за разлика од Вас како политичар не се водиме од политичкиот интерес, туку од чистото патриотско чувство на кои како граѓани на оваа држава имаме природно право, сме подготвени да одговориме и на таквиот предизвик кој како бранители го прифаќаме. 

- Затоа што ние не може да бидеме согласни кога гледаме дека Вие г-дине Жерновски и неколкумина како Вас си поигрувате со националните чувства и покажувате непочитување на луѓето кој ја граделе и создавале оваа држава, стои во писмото до Жерновски. 

 

најчитано сега