ЕВН Македонија го зголеми капацитетот на трафостаница Аеродром
ЕВН Македонија пушти во употреба ново 110 киловолтно трансформаторско поле и нов извод (10 (20) KV), во општина Аеродром. Со проширувањето на постојната трафостаница „Аеродром“ (110/10 KV) за една третина е зголемен капацитетот и се отворија можности за приклучување на нови корисници и развој на индустријата во оваа скопска општина.
Потребата за проширување на ТС 110/10kV „Аеродром“ се јави од зголемен број на нови корисници поради изградбата на станбени и деловни објекти во населбата Ново Лисиче, Реонски центар и на ул. „3-та Македонска бригада“.
На новоизградениот извод ќе се приклучат над 2000 корисници од населбата Аеродром, меѓу кои и комплексот згради на „Џеваир холдинг“, спортскиот центар „ Јане Сандански“, хотел Русија и дел од индустриските корисници од соседната населба Гоце Делчев.
ЕВН Македонија инвестираше 1,5 милиони евра во доградба на постоечката 110/10 kV трансформаторска станица и инсталирањето на трет енергетски трансформатор, проширување на 110 kV трансформаторска постројка и нови 10 kV изводи, за чии потреби беше изградена и нова зграда. Со ова се очекува да се зголеми сигурноста, квалитетот и доверливоста во снабдувањето на корисниците во населба Аеродром. Ќе се растовари и снабдувањето со електрична енергија на корисниците од индустриската улица во населба Гоце Делчев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа