Главната расправа за настаните во општина Центар закажана за февруари

Судијката Татјана Михајлова на денешното судско рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство во врска со настаните пред општина Центар во јуни 2013 година ги одби доказите на СЈО од т.н. бомби и сведочењето на загрозен сведок.

Според Михајлова, доказите кои произлегуваат од незаконско прислушуваните комуникации се незаконски обезбедени, а одлуката да не дозволи да сведочи загрозен сведок ја образложи дека за ова кривично дело не бил предвиден ваков сведок.

По соопштувањето на одлуката на судијката Михајлова заврши подготвителното рочиште, а главната расправа е закажана за февруари 2017 година кога исказ треба да дадат обвинетите.

Обвинението е против 14 лица кои се товарат дека организирале насилни собири пред општина Центар поради најавеното оспорување на Деталниот урбанистички план од страна на Советот на општината.

Меѓу обвинитетите се и поранешниот премиер и лидер на ВМРО­ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката Даниела Рангелова, кои денеска се појавија во судот. 

Претставник на Специјалното јавно обвинителство е обвинителката Фатиме Фетаи.

Специјалното јавно обвинителство го покрена овој случај на 15 септември годинава. 

 
 
16.12.2016 - 15:31
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега