Иванов го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Народна Техника.

По повод 70 годишниот јубилеј на Народна техника, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија – Народна техника на Република Македонија.

Признанието на Народна техника, како што информираат од кабинетот на Иванов, се доделува за постигнатите резултати во областа на науката, техниката и техничкото творештво, со што даде исклучителен придонес за збогатувањето, стимулирањето и промовирањето на техничката култура и за афирмација на Република Македонија во светот.

- Народна техника придонесува за зголемување на интересот на младите за креативноста и иновативноста на техничкото творештво. Оттука, сите активности кои на ова поле ги спроведува Народна техника имаат огромно значење за образованието, културата, но и воопшто за развојот на нашето општество, и како такви придонесуваат за доближување на Република Македонија кон најновите текови и достигнувања во европски и во светски рамки, истакна претседателот Иванов во своето обраќање на Свечената академија по повод 70- годишнината од постоењето на Народна Техника.

Тој додаде дека Повелбата е и дополнителен поттик за поголема ревност што, како што рече, секако, ќе донесе уште поголеми постигнувања. - Не се сомневам дека и понатаму вашите членови ќе се закитуваат со медали и со признанија на најпрестижните меѓународни натпревари и достојно ќе ја претставуваат Република Македонија, истакна Иванов.

Тој изрази убедување дека и понатаму од членовите на Народна техника ќе произлегуваат истакнати академици, професори, инженери, кои со својата креативност и умешност ќе бидат подвижници на развојот и на напредокот на нашата татковина.

Иванов додаде дека како и досега и во иднина ќе ја поддржува дејноста на Народна Техника преку помагање и промовирање на нивните достигнувања, посочувајќи дека техничката култура е неизоставен дел од севкупната култура и е клучен елемент за развојот на секој поединец.

Организацијата на Народна техника на Македонија е формирана во 1946 година, со задача да ги воспитува и да ги образова, во прв ред младите, на планот на освојувањето на техничките знаења и да оспособува кадри за обновата и за изградбата на земјата. Народна Техника ги открива и ги поттикнува талентираните деца, кои своето знаење стекнато во образовниот систем го преточуваат од теорија во практика, преку различните активности на Народна техника на Македонија.

- Народна техника е организација која живее со пулсот на младите, но во исто време претставува „организам“ кој добива стимул од владините институции, локалната самоуправа, научните и високообразовни институции, основните и средните училишта. Но, најголемата и силна поддршка ја добиваме од претседателот на државата, кој секогаш се грижи за младите и за нивната иднина, и кој посветено и докажано ги поддржува науката, образованието и иновативноста, беше истакнато на Свечената академија.

 

По повод 70 годишниот јубилеј, во Домот на АРМ беше претставена и изложба подготвена од Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија ‒  Народна техника на Република Македонија.

 
 
16.12.2016 - 18:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега