Телеграма со сочувство од Димитриев до Меркел

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Емил Димитриев денеска испрати телеграми со сочувство до германскиот канцелар Ангела Меркел, осудувајќи го терористичкиот акт во Берлин.

- Со длабока вознемиреност, загриженост и жалење ја примив веста за грозоморниот терористички напад во Вашата земја, во кој животот го загубија повеќе германски граѓани и во кој поголем број граѓани се повредени. Во овие тешки моменти на шокираност и национална жалост, дозволете ми од мое лично име, од името на македонските граѓани и од името на Владата на Република Македонија да Ви упатам изрази на најдлабоко сочувство Вам и на членовите на семејствата на жртвите, да испратам желби за побрзо заздравување на повредените, и воедно да го осудам овој срамен и кукавички чин, наведува Димитриев во телеграмата.

Шокантната вест за овој терористички чин, како што посочува, длабоко ги вознемири македонските граѓани. - Тероризмот уште еднаш покажа дека не бира ниту место, ниту пак жртви. Овој грозоморен напад во Берлин претставува напад врз мирот и слободата во цела Европа и напад врз европските вредности, вели Димитриев.

Република Македонија, како што посочува, остро спротивставувајќи се на тероризмот активно учествува и ќе продолжи да придонесува во борбата против најголемото зло на денешницата. - Тероризмот може и мора да биде победен со заедничка одлучна и бескомпромисна борба. 
Нашите мисли и молитви се со Вас, наведува Димитриев во телеграмата со сочувство. 

 
 
20.12.2016 - 14:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега