Сто вработувања догодина во Специјалната болница „Филип Втори“

Сто вработувања во сите сектори од различни профили ќе има идната година во Специјалната болница „Филип Втори“, најави денеска директорот и основач на таа здравствена установа, Жан Митрев на прес-конференција на која ги презентираше резултатите, достигнувањата и прогресот кај медицинските услуги со работењето во новиот објект во 2016 година.

Посочи дека вовеле системска аутохемо-озон терапија за третман на малигни заболувања со метастази, сепса, кома, мозочен удар, макуларна дистрофија на очно дно, гангрена..., која многу малку центри во светот ја имаат.

- Неминовно беше зголемувањето на бројот на вработени од 200 на 276. Воведени се нови процедури како што е магнетната резонанца со нови побрзи, бесшумни испитувања и апаратот има многу големи можности во однос на дијагностиката. Вакви и слични испитувања во однос на перфузија на мозокот, прикажување на нервите на мозочното стебло, перфузија на срце и други органи се од огромно дијагностичко значење и тие во регионот досега не се направени, рече Митрев.

Потенцира дека апаратот има и уникатна опција, која е најнова технологија со која може да се испитува виталност на најмалите активности на тумор клетки..., а имаат и нов апарат 256 слајсен компјутер за голем број испитувања.

- Овие апарати се со најмодерна технологија и зрачењето е 10 пати помало. Првпат имаме ангиограф во државата кој може да прави дополнителни ротации и прави тридимензионални слики. Сите три апарати се поврзани и во реално 3Д може да се гледа состојбата на органот односно крвниот сад и со него полесно да се вршат сите интервенции и стентирања, рече Митрев и додаде дека од идниот месец почнуваат и со примена на електрофизиолошките испитувања.

Меѓу новитетите кои ги наброја се: функционирањето на лабораторијата за генетски испитувања во која може да се врши целосно скенирање на генетскиот код со тестови со кои однапред може да се дознаат генетски предиспозиции за рак, дијабетес, резистентост кон лекови или гентески болести кај плодот уште во 10-та недела од бременоста, како и третман на торакална аневризма со поставување големи стентови во торакалната аорта...

Нагласи дека во последните три месеци за 100 отсто им е зголемен бројот на пациенти од кои голем процент се од странство. Додаде дека во новиот објект на болницата од јуни, досега, се извршени 1.500 операции.

 
 
21.12.2016 - 14:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега