Се повеќе ученици во Македонија земаат седативи на своја рака

Вкупно 24,2 проценти од младите пушеле цигари и 38 отсто употребиле алкохол во последните 30 дена, покажуваат резултатите од извештајот за Употребата на цигари, алкохол и дроги кај училишната младина во 2015 година на Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Главниот истражувач за застапеноста на психоактивни супстанци и нивно користење од ученици (ЕСПАД) во Македонија Силвана Ончева, рече дека значително се намалува бројот на млади кои користеле цигари од 56,5 проценти во 1999 година на 38 отсто во 2015 година, што е под европскиот просек од 46 проценти.

- Една четвртина или 24 проценти пушеле цигари во последните 30 дена, додека европскиот просек е 21 процент. Загрижува големиот број млади, односно 38 проценти кои земале алкохол во последниот месец, како и 26 отсто млади кои испиле над пет пијалоци во една прилика. Европскиот просек е 48 проценти. Најчесто употребуван алкохол е пивото со што најчесто и се започнува, по што следи виното и жестокиот пијалок. Како возраст на првата употреба на алкохолот најмногу има на 15 години, но има и случаи на под девет годишна возраст, рече Ончева.

Посочи дека од 35 држави што учествувале во истражувањето Македонија по бројот на млади кои пушеле цигари во последните 30 дена е на 14-то место, а по бројот на млади кои користеле алкохол во последните 30 дена е на 9-то место. Според истражувањето енергетски пијалок користеле 60 проценти од кои 10 отсто над 40 пати во животот.

- Најмногу загрижува податок за бројот на млади кои имале искуство со седативи, каде 14,7 проценти користеле седатив препишан од доктор, а 11,5 отсто во животот земале седативи непрепишани од доктор, а европскиот просек е 6 проценти. Во однос на марихуаната има стагнација, каде 5 проценти одговориле дека користеле во текот на животот, а 2,2 отсто во последните 30 дена. Најчесто се започнува на 15-годишна возраст, но расте бројот на оние на кои им било понудено марихуана, каде 27,7 проценти се изјасниле дека им било понудено, наспроти 12,3, отсто во 2012 година. Без промена е бројката на млади кои употребиле екстази 2,1 процент и други средства еден отсто, рече Ончева.

Според Ончева иако голем број  млади се изјасниле дека спортуваат, две третини од младите се секојдневно на интернет, а загрижува и тоа што 13,6 проценти од учениците изјавиле дека се коцкале за пари во изминатата година, каде најчесто или 16,2 процени станува збор за кладење во спортска обложувалница, 10,8 отсто играње карти, лотарија, бинго и 4,7 проценти играње на слот машини.

ЕСПАД истражувањето е спроведено во 82 средни училишта при што се анкетирани 4.739 ученици. Извештајот ги елаборира резултатите од вкупно 2.430 ученици на возраст од 15 до 16 години.

Главниот истражувач за Глобалното истражување за употребата на тутун, Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје, рече дека мерките со Законот за забрана за пушење даваат резултати и истражувањето покажува дека застапеноста на тутунот и цигарите кај младите во Македонија е во тренд на намалување.

- Според резултатите од истражувањето 7,6 проценти од младите во 2015 се изјасниле како пушачи, наспроти осум проценти во 2008 година. Како фактори кои влијаат кај младите за употребата на тутун според резултатите од истражувањето се пријателите кои се пушачи со 10,8 проценти, изложеноста на чад од цигари во домот 46,2 проценти и изложеноста на чад на јавни места 49,8 проценти. Како проблем се посочува и лесниот пристап до цигари на младите каде според истражувањето 78,2 проценти сами купиле цигари во продавница при што не биле одбиени, рече Ќосевска.

Посочи дека има поволен тренд на намалување на употребата на тутун, но расте бројот на корисници на електрични цигари (3,9 проценти) и млади кои пробале наргиле или друг вид тутун што не се користи.

Истражувањето за употребата на тутун кај младите во Македонија е спроведено по трет пат и е дел од глобалниот систем за надзор на тутун. Со истражувањето се опфатени 4.919 ученици на возраст од 13 до 15 години.

Од Институтот за јавно здравје препорачуваат дека е неопходна едукација на јавноста  за штетноста од употребата на алкохол и тутун кај младите, зголемување на капацитетите на советувалиштата, забрана на површини засадени со тутун, дебати и кампањи во медиуми, забрана за емитување на емисии кои промовираат пушење и употреба на алкохол и имплементација на законот за пушење и рестрикции за пушење на јавни места.

 

 
 
21.12.2016 - 15:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега