Каракамишева- Јовановска: СДСМ го спроведува на дело тоа што Лес го пишува

Универзитетската професорка Тања Каракамишева- Јовановска смета дека текстот на аналитичарот Тимоти Лес во целост се совпаѓа со планот на СДСМ за воведување политипни општини и нивна поголема автономија која на крај треба да доведе до процес на кантонизација или федерализација на Р. Македонија и нејзина дезинтеграција.

-Тоа што го пишува Лес, СДСМ го спроведува на дело. Слепото следење на СДСМ на политиката за дезинтеграција на РМ поддржана од неколку моќни центри е голем велепредавнички чин на оваа партија кон целиот македонски народ. Македонските граѓани треба да го знаат големиот план против државата кој не е во наш интерес, и силно и одлучно да му се спротивстават, бидејќи согласно меѓународното и домашното право Македонците имаат право на одбрана на својата татковина и на нејзините интереси. Резервна татковина немаме, вели Каракамишева- Јовановска.

Македонците, нагласува таа, мора да сфатат дека пред нивните очи се случува реализација на поголем план за распаѓање на државата Република Македонија, и дека ова сценарио можат да го сопрат само и единствено Македонците ако се заедно сплотени против него.

-Како што наведува Лес во текстот, сите балкански држави ќе имаат соодветна територијална трампа, освен БИХ и РМ кои нема да имаат никаква корист освен штета. Како што вели Лес, ова може да биде мошне проблематично за Македонците кои се сентиментално врзани за својата држава. Загубата на териториите, Македонците ќе треба да го прифатат без никаква територијална размена што е најпогубно решение за сите нас.   Токму затоа апелирам овој текст на Лес да се сфати сериозно, да се сфати како отрезнување на сите Македонци, да се сфати како последно предупредување што ни се подготвува и што сакаат да направат од нас и со нас. Ако денес не се освестиме утре ќе биде предоцна, вели Каракамишева- Јовановска.

 
 
22.12.2016 - 14:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега