По четврти пат ќе се одржи хуманитарниот новогодишен концерт „Од децата за децата“

Во Драмски театар во Скопје денеска со почеток во 17 часот,  по четврти пат ќе се одржи хуманитарниот поетско-музички новогодишен концерт „Од децата за децата“. Средствата од концертот, како и претходните години така и оваа, ќе бидат донирани за децата со посебни потреби. Овој добротворен настан веќе четврта година по ред го организираат поетесата Виолета Сековска и професорката Виолета Ачкоска.

– Ова е четврта година како го организираме  концертот „Од децата за децата“. Оние кои ќе дојдат, ги очекува богата музичка програма, убава поезија и многу дружење. Ќе настапат деца од музичкиот фестивал од Битола, СИ-ДО. Потоа, ќе има учесници од Штип, кои ќе свират на инструменти. Најмалите од неколку градинки ќе пеат, а поголемите од училиштата ќе играат. Го имаме и неизбежниот Матеја-Мајкл Џексон. Ќе биде интересно. Ги покануваме сите хумани луѓе да присуствуваат на концертот и со своја донација да израдуваат некое дете со посебни потреби, вели Сековска, една од организаторите на концертот.

Таа информира дека донациите од претходните концерти ги донирале во училиштата „Иднина“ и во „Златан Сремец“.

– Само да знаете колку тие деца се радуваат, и како знаат да гушнат, и да возвратат љубов. Јас и професорката Ачкоска сме среќни токму поради нив. Нас нѐ исполнува нивната среќа и радост, вели Сековска.

 
 
23.12.2016 - 10:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега