Новогодишни пакетчиња за децата од седум селски игрални во неготинско

 

Градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов денеска им подари новогодишни пакетчиња на децата од предучилишна возраст кои секојдневно ги посетуваат седумте игрални во неколку селски средини од неготинската општина.

- Традиционално како и секоја година така и оваа, ги посетуваме сите детски игрални кои се формирани од страна на општина Неготино и егзистираат повеќе години наназад. Тука се собрани сите дечиња од предучилишна возраст. Локална самоуправа Неготино секогаш набавува материјали за да можат да се реализираат активностите за децата во игралните од страна на наставниот кадар акгажиран од општината, рече Апостолов во изјава за медиумите.

Децата за оваа пригода се претставија со песнички и стихотворби научени при престојот во игралните.

Благодарност за подарените пакетчиња за децата, пред новинарите изрази Николинка Манева од Неготино, работно ангажирана во игралната во Тимјаник. - Од страна на општината редовно добиваме материјали за работа со овие дечиња, нагласи Манева.

Вакви игрални освен во ова село, има и во Тремник, Долни Дисан, Пепелиште, Криволак, Војшанци и Црвени Брегови. Нив ги посетуваат околу 120 дечиња.

Новогодишни пакетчиња утре ќе добијат и децата од детската градинка „Фемо Кулаков” од Неготино, како и тие до петто одделение.

- Со тоа симболично сакам на сите деца и на нивните родители да им ја честитам Новата 2017 година и да им посакам многу здравје, љубов и среќа, додаде градоначалникот. 

 
 
27.12.2016 - 11:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега