Вељановски ќе ја свика конститутивната седница на Собранието

Мандатите на сто и дваесет народни избираници ќе бидат верифицирани до почетокот на новата 2017 година. Собраниските служби се подготвуваат за одржувањето на конститутивната седница на деветиот парламентарен состав, која не е исклучено да се одржи и во сабота на 31 декември. Денеска, по врачувањето на уверенијата во ДИК, ќе биде соопштено кога 62-та нови и 58-те пратеници кои беа дел и од минатиот состав и официјално ќе седнат во своите столчиња во собраниска сала „Македонија“.    

Седницата, според најавите, ќе ја свика претседателот на Собранието во заминување Трајко Вељаноски, кој и ќе претседава со неа, според последните измени во Деловникот за работа на Парламентот. Како што стои во членот 9 од Деловникот за работа на Собранието на РМ, пратеникот кој ја свикал првата седница, претседава со собраниската седница, додека новоизбраниот претседател или еден од потпретседателите не ја преземе должноста. Конститутивната седница, доколку не ја свика Вељаноски, 21 ден може да ја свика и со неа да претседава најстариот пратеник од новиот состав. 

Претседавачот со првата седница назначува двајца од избраните пратеници кои по потреба го заменуваат во претседавањето со седницата, а потоа со прозивка на избраните пратеници го утврдува бројот на присутните избрани пратеници. 

Собранието може да се конститутира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници, а откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, кои ќе ги верифицираат мандатите. Собранието од редот на пратениците избира претседател и потпретседатели на Собранието.

Новиот собраниски состав ќе има 62 нови и 58 пратеници од минатиот состав, а некои од нив биле народни избраници и во други состави. Од 120 пратеници, 38 се жени. Составот на Парламентот и оваа бројка на застапеност на жените би можела да се промени по формирањето на влада доколку некои од пратениците бидат избрани на функција во извршната власт или не го прифати мандатот од одредени причини. Мандати освоија коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ДУИ, ДПА, Беса и Алијанса на Албанците. 

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори освои 51 мандат. Пратеници од Изборната единица 1 се: Никола Попоски, Елизабета Канческа Милевска, Борис Змејковски, Драган Данев, Даниела Рангелова, Љупчо Димовски, Крсто Јовановски и Чедомир Саздовски. Во Втората изборна единица избрани се Никола Тодоров, Трајко Вељаноски, Жаклина Пешевска, Иван Стоилковиќ, Амди Бајрам, Владанка Авировиќ, Зоран Ѓорѓиевски, Јохан Тарчуловски и Весна Дамчевска-Илиевска. Во тројка избрани се Илија Димовски, Емил Димитриев, Слаѓана Митовска, Трајчо Димков, Стојан Миланов, Магдалена Манаскова, Зеќир Рамчиловиќ, Никола Мицевски, Благица Ласовска, Емилија Александрова и Иван Иванов. Во ИЕ 4 избрани се Никола Груевски, Ваковер Манчев, Ане Лашкоска, Панчо Минов, Весна Пемова, Васил Пишев, Нада Ципушева, Димитар Стевананџија, Драган Цуклев и Павлинче Честојнова.  Во петка избрани се Антонијо Милошоски, Зоран Илиоски, Лилјана Затуроска, Љубен Арнаудов, Благоја Деспотоски, Нола Исмајлоска - Старова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Лилјана Кузманоска. Во ИЕ 6 мандати имаат освоено Владимир Ѓорчев, Јусуф Хасани, Дафина Јованоска Стојаноска и Горан Манојлоски. 

Коалицијата предводена од СДСМ освои 49 мандати, од кои 10 во ИЕ 1: Стево Пендаровски, Рената Дескоска, Дамјан Манчевски, Стефан Богоев, Павле Богоевски, Соња Мираковска, Диме Велковски, татјана Прентовиќ, Ивана Туфегџиќ и Петар Атанасов. Пратеници од СДСМ од Втората изборна единица се Оливер Спасовски, Фросина Ташевска-Ременски, Мухамед Зеќири, Маја Морачанин, Ферид Мухиќ, Максим Димитриевски, Курто Дудуш и Тања Ковачев. Во Третата Љупчо Николовски, Благој Бочварски, Јагода Шахпаска, Панче Иванов, Сашко Костов, Јулиана Николова, Енес Ибрахим, Илија Николовски и Мира Стојчевска. Вои ИЕ 4 избирани се Зоран Заев, Хари Локвенец, Катерина Кузмановска, Горан Мисовски, Коста Јаневски, Кети Смилевска, Бетиане Китев, Сашо Поцков, Милева Ѓоргиева, Мери Лазарова. Во Петата изборна единица избрани се Радмила Шеќеринска-Јанковска, Александар Кирацовски, Томислав Тунтев, Горан Милевски, Васко Ковачевски, Ирена Стефоска, Јован Митрески, Алија Камбероски и Жаклина Лазареска. Во шестка мандати од СДСМ имаат освоено Петре Шилегов, Ѓулумсер Касапи и Благојче Трпевски. 

ДУИ освои 10 пратенички места. Досегашниот пратеник Артан Груби освои нов мандат во ИЕ 1. Во двојка ДУИ има два мандати Ејуп Аљими и Реџаиљ Исмаили. Во петка мандат од оваа партија има освоено Агим Шаќири. Во Шестата изборна единица ДУИ има освоено шест мандати - Али Ахмети, Талат Џафери, Шпреса Хадри, Бранко Маноиловски, Џевад Адеми и Мирсада Емини Асани. 

Движењето БЕСА доби пет мандати. Зеќирија Ибрахим е пратеник од ИЕ 1, додека во Втората изборна единица мандат доби Африм Гаши. Во ИЕ 6 мандати имаат освоено Биљал Касами, Фадил Зендели и Тетута Биљали. 

Алијансата за Албанците освои три мандати. Од Изборната единица 5 пратеник ќе биде Сурија Рашиди, а во шестка мандати имаат освоено Зијадин Села и Весел Мемеди.

ДПА освои два мандата и тоа во Шестата изборна единица - Мендух Тачи и Бардуљ Даути.

 
 
 
28.12.2016 - 09:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа