РЕЛИГИЈА: Верските лидери малку работат на верска толеранција

75% од населението во Македонија се изјаснува како православни, а 21,6% како муслимани, Католици или припадници на други религии има околу 0,5%, додека пак во Македонија живеат 2,4% кои за себе сметаат дека се Атеисти, односно не се декларираат како припадници на ниту една религија.

istrazuvanje-nasl

Ова е само дел од досега најобемното национално истражување, реализирано во Македонија за перцепцијата на граѓаните за религијата и нејзината улога во мултиконфесионалните општества, што кон крајот на ноември 2016 година го спроведоа  Институтот за Политички истражувања од Скопје (ИПИС), заедно со веб-порталот РЕЛИГИЈА.МК, со поддршка на фондацијата Конрад Аденауер (КАС).

Во ова истражување беа вклучени повеќе теми поврзани со религијата во Македонија. Целта беше да се проверат можните врски и влијанието на религијата врз личните ставови на повеќе аспекти и притоа да се детектираат потенцијалните можности и предизвици од влијанието кое го има религијата во самото општество.

Основната идеја која стои зад овој проект е преку анализа на јавните перцепции и ставови кон религијата, како и нивната улога во македонското мулти-конфесионално општество, да се иницира јавна дебата и да се подигне јавната свест кон овие прашања, што би довело и до идни промени и унапредување на односите во оваа сфера, а со тоа и во самото општество.

Резултатите покажуваат дека влијанието на религиозните учења во секојдневниот живот на луѓето е  значително. 25% сметаат дека тоа е големо, за 30,3% донекаде големо, додека за 27,7% е мало или религијата воопшто нема влијание за 13,8%. Кај муслиматите религијата има поголемо влијание во секојдневниот живот (58,3% големо и 15,8% донекаде големо) отколку кај христијаните (15,6% големо и 35,1% донекаде големо).

Резултатите од истражувањето покажуваат дека постои разлика помеѓу припадност  и практикување на одредена религија, со оглед дека првото е повеќе перцепирано како традиција и наследство, додека второто е личен избор на луѓето кои самостојно одлучуваат дали религијата ќе ја практикуваат или не.

dali-ste-religiozni

Токму затоа, второто прашање од анкетата беше: Дали за себе може да кажете дека сте религиозен/на? На ова прашање високи 52,4% кажале дека се религиозни и дополнителни 30,6% изјавиле дека се донекаде религиозни. Како малку или воопшто нерелигиозни се определиле 16,5% од испитаниците.

Кај православните овој процент е 15,5, додека кај муслиманите 12,5.

Овие бројки ја потврдуваат претпоставката произлезена од слични претходни истражувања, дека Македонија е генерално религиозна држава и тоа важи како за христијаните, така и за верниците кои се припадници на исламската религија.

Следните прашања во истражувањето се однесуваат на перцепциите за верските заедници во Македонија.

Првото воведно прашање за овој дел од анкетата е: Дали имате доверба во Македонската Православна Црква (МПЦ-ОА) (ИВЗ за муслимани)?, на што потврдно одговориле 68,6% од православните христијани во однос на МПЦ-ОА и 52,5% од муслиманите за ИВЗ.

Во МПЦ-ОА немаат доверба 20%, а во ИВЗ 36,7% од верниците.

На прашањето: Колкава е вашата доверба на скала од  1-5 каде 1 е најмала, додека 5 е највисока доверба?, 18,1% од православните и 29,2% од муслиманите избрале 1 (најмала), а 21,6% од православните и 16,7% од муслиманите 5 или најви

na-koja-religija-pripagate

сока доверба. Останатите одбрале помеѓу 2 и 4.

Просечната доверба во МПЦ-ОА е 3,22, додека во ИВЗ е пониска, односно 2,7.

Во однос на соработката помеѓу МПЦ и ИВЗ како две најголеми религиозни организации, само 10,2% од православните и 13,3% од муслиманите сметаат дека таа е одлична, додека 13,1% од православните и 28,3% од муслиманите сметаат дека овие верски заедници воопшто не соработуваат.

Ова е релативно негативна перцепција на граѓаните во однос на соработката помеѓу двете најголеми верски заедници, односно повисок процент на верници од двете конфесии сметаат дека МПЦ-ОА и ИВЗ не соработуваат или барем не соработуваат доволно.

Во однос на придонесот на МПЦ и ИВЗ кон меѓурелигискиот соживот и почитување на луѓето со друга религија, 26,2% од православните и слични 24,2% од муслиманските верници сметаат дека тие придонесуваат кон соживотот, а дополнителни 30,1%, односно 17,5% дека донекаде придонесуваат. Сепак 27,1% од православните и 41,6% од муслиманите сметаат дека МПЦ-ОА и ИВЗ многу малку или воопшто не придонесуваат за меѓуверскиот соживот, што е релативно висок процент, особено кај муслиманите.

Всушност, ставот на повисок процент од верниците е дека верските заедници наместо да ги смируваат тие повеќе придонесуваат кон создавање на конфликти и поделба помеѓу луѓето врз база на верската припадност.

sorabotka

Имено на ова прашање високи 33,5% од православните и 25,8% од муслиманските верници сметаат дека МПЦ-ОА и ИВЗ придонесуваат кон создавање на конфликти. Дополнителни 30,1% од православните и 14,2% од муслиманите сметаат дека тоа е донекаде случај, а вкупно 26,4% од православните и 42,5% од муслиманските верници сметаат дека МПЦ-ОА или ИВЗ многу малку или воопшто не придонесуваат кон создавање на меѓуконфесионални тензии.

Од одговорите на последните две прашања може да се заклучи дека кај релативно висок процент од верниците постои мислење дека верските заедници не работат доволно на меѓуверски соживот и напротив, тие поттикнуваат меѓуверски тензии.

На прашањето: Колку ставовите на некој верски лидер во Македонија влијаат за да се изгради позитивна или негативна слика за припадниците на другите религии? 14,3% од православните и дури 31,7% од муслиманите изјавиле многу, а дополнителни 40,8% од православните и 26,7% од муслиманите сметаат дека верските лидери донекаде влијаат на создавањето на сликата за припадниците на други религии со што се наметнува заклучокот дека однесувањето и ставовите на верските лидери за повеќето верници се од исклучително значење во градењето или следствено уривањето на меѓурелигискиот соживот.

Во однос на состојбата со меѓуверската толеранција во Македонија, 26,2% од православните и 41,7% од муслиманите сметаат дека сега има поголема верска толеранција, 27,2% од православните и 23,3% од муслиманите дека таа е иста и соодветно 34,9% и 27,5% дека таа е помала од порано.

Може да се заклучи дека православните верници имаат повисока негативна перцепција од муслиманите во однос на ова прашање. На прашањето: Дали сметате дека некој се обидува да ја урне меѓурелигиската толеранција во Македонија?, потврдно одговориле 56,6% од православните и 46,7% од муслиманските верници.

vareski-sozivot

Во истражувањето се опфатени прашања кои треба да ја покажат и перцепцијата на граѓаните за блискоста и пријателството со различните од себе, како и за тоа до кој степен и дали во своето блиско опкружување тие би прифатиле некој различен по верско убедување.

Интернет порталот Религија.мк, во следниот период ќе го објави сите прашања и одгвоорите на испитаниците со детална анализа за секој од нив.

Националното истражување е направено на примерок избиран согласно потребите на истражувањето, а во овој случај беа вклучени 1111 испитаници постари од 18 години.

Со цел да се задржат високо поставените методолошки стандарди, ИПИС креираше репрезентативен примерок за истражувањата на национално ниво, кој е редовно тестиран и обновуван. Во овој примерок се запазени сите релевантни социо-демографски карактеристики на населението во РМ. Националните анкети се спроведуваат со стратификуфан примерок (во две етапи со случаен избор на испитаникот). Со оглед на спецификите на истражувањето, примерокот е стратификуван согласно регионите и населените места во Mакедонија. Спроведено е на крајот од ноември 2016 година. Маргиналната грешка е помеѓу +/-2.9% со 95% интервал на веродостојност.

/РЕЛИГИЈА.МК

 
 
29.12.2016 - 13:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега