Мега интервју на Груевски за „Република“: Граѓанскиот сектор не смее да остане во рацете на Сорос

gruevski-profil-3

Се договоривме да направиме едно интервју поврзано со активностите на Сорос во Македонија. Често е спомнуван, особено од Вашата партија, а никогаш подлабински немало разговор со некој политичар за тоа. А на почетокот да Ве прашам, поминавте тешка година, како ја оценувате?

Тешка, но и интересна. Да, имавме тежок противник, при што не мислам на СДСМ, тој беше само параван, инструмент, маша… Да не беше зад него Џорџ Сорос со сите милиони што ги истура во Македонија, со целата мрежа од НВО, медиуми, политичари, внатре и надвор, што ги плаќа, влијание во најмоќните држави во Светот, и тоа одлучувачко влијание кога станува збор за помали земји како нашата, немаше да е толку тешко, а и економијата ќе беше посилна, ќе имавме повеќе нови отворени работни места. Иако и ова што го постигнавме не е за занемарување во една ваква тешка ситуација.

Како знаете дека Сорос има одлучувачко влијание кај најмоќните земји, кога станува збор за помали држави?

Има многу примери за тоа. Погледнете ги на пример меиловите кој Сорос ги испраќа а беа објавени на Викиликс, и се ќе ви стане појасно…човекот дава јасни инструкции што треба да се прави, и му поминуваат без многу дебата или проверки.

Од други објавени е-меилови се гледа дека влегува кога сака кај високи функционери во  Америка, договара средби од денес за утре, и има суштинско влијание. Ако има таков лесен пристап во најмоќната земја на светот, тогаш каков ли му е пристапот кај другите, помали од Америка?

Неговата фондација и по финансии и по кадровски потенцијал е најмоќна фондација во Светот која има политички цели. Сорос решил своето богатство да го употреби за да остварува влијание во две насоки- идеолошко кон создавање на т.н ” отворени општества” и финансиско,  преку шпекулации и однапред познати политички исходи во одредени земји да профитира на берзата.

По некое време, цели институции, цели министерства, можеби и цели влади, и нивни разузнавачки агенции се инфицирани со неговите гледишта, со неговата идеологија, со неговиот поглед и цели. Дополнително, и самите тие си наоѓаат некој дополнителен интерес од таквото делување, и тераат со сите сили, а ние тука разговараме за Заев, или СДСМ…Каков Заев, какви бакрачи…

Зошто е така насочен кон Македонија, кон ВМРО-ДПМНЕ?

Прво не е од сега, тој 25 години исто делува, но сега во последните 2-3 години позајакнато.

Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ  е на власт, неговите институции се против ВМРО-ДПМНЕ, и секогаш кога СДСМ е на власт, повторно неговите институции се против ВМРО-ДПМНЕ, како центар десна и конзервативна политичка партија. Не постои една работа што ја направил ВМРО-ДПМНЕ во овие 25 години, а за која една негова институција како институтот Отворено општество, НВО, финансирана од него, медиум, или слично рекле дека тоа е добро. И обратно, нема ниту еден чекор на СДСМ кој го осудиле. Значи се што е од нас е лошо, се што е од СДСМ е добро, или ако не е добро барем се премолчува. Човекот кој 25 години е главен на институтот Отворено општество во Македонија е член на Централниот одбор на СДСМ. Од лани навидум се пензионираше, но всушност си постави лице кое е негов послушник, кое никој не го познава, ниту му го знае името, а ги води истите политики на претходникот. И тие не се ни кријат дека се дел од СДСМ. Имаат говори против нас на политички митинзи организирани од СДСМ. Затоа ние почнавме да ги поистоветуваме и велиме СДСМ/Сорос.

Со политичкото влијание на СОРОС, ќе ти свртат и некои влади и нивни амбасадори да се занимаваат со тебе на дневна основа и тие тераат, и ти викаат за Ваше добро работиме, сакаме да Ви помогнеме….

Неговата мрежа во Македонија, освен што има НВО, директно финансира, некои би рекле корумпира голем број новинари, сопственици на медиуми, професори, интелектуалци, аналитичари, активисти, протестирачи, да, како што вели Трамп професионални протестирачи.

Под своја контрола имаат ставено и голем број луѓе низ институциите на системот, административци на високи позиции, судии, обвинители, лекари, еколози, и секаде каде оцениле дека ќе им затребаат за остварувањето на нивните цели. Значи делуваат и внатре, со пари и со индоктринација, и делуваат надвор со влијание кај најмоќни влади и политичари. Во Македонија имаат монопол во секторот НВО, бидејки 95 отсто од НВО се финансирани од средства на Сорос, или влади каде тој има влијание, па парите заеднички ги насочуваат и ги договараат активностите. Ако им треба т.н. ,,шарена револуција,,, тогаш преку НВО тоа го прават со пари.

Зошто македонската влада дозволила да е така со НВО?

Прашањето е на место, и тука сте делумно во право. Ако нашиот домашен приватен сектор нема чуство за подршка на НВО, и го оствава целокупно во рацете на еден надворешен меѓународен играч и странски држави, тогаш исто толку критика треба и за владата која досега доделуваше симболични средства за НВО, и на тој начин НВО станаа армија зависна од Сорос, но и во служба на неговите политики. Секоја влада во секоја држава одвојува посериозни средства за граѓанскиот сектор, без притоа да влијае на неговата работа. Кај нас, потфрливме на тој план, и тоа е секако првата, а би рекол и најважна мерка во планот за десоросиозација на општеството како што кажавме во нашиот предлог. Мора да се најадат средства, да се помогне да се развие независен граѓански сектор во Макаедонија. Несмее граѓанскиот сектор во иднина да остане само во рацете на Сорос и на странски влади. Денес ако сакаш да работиш во граѓански сектор, или мора да работиш за Сорос и да ја прифатиш неговата идеологија и цели, или нема место за тебе во граѓанскиот сектор. Таа грешка во иднина несмее да и се повтори на Макеоднија. Нека работи и нека инвестира Сорос во НВО, но мора активистите на НВО да имат и други извори на финсирање доколку имаат квалитетни проекти, а тие проекти мора да ги отценуваат експерти кои не се политички зависни од која и да е власт ниту пак да се зависни од странски влади и поединци.

Велите армија НВО…

Да класична армија, НВО Сорос во Македонија ги направи модерна армија. Денес битката не е со пушки и пиштоли како пред 100 години, туку со НВО, корумпирани медиуми и новинари и влијание на моќни странски медиуми и моќни странски  влади да нивните политики кон една земја ги насочат во правец на неговите цели. Тоа е реалноста и за жал така дејствува Сорос. И тогаш те прават што сакаат. Те гмечат, те сукаат, како тесто. Ќе те направат и криминалец, и лопов и предавник, и идиот, и неспособен, и монструм, се што ќе наумат. Па оди после ти излези на избори. Ќе ти измислат триста афери, купишта лаги и дезинформации, едно зборуваш, друго се пренесува итн.

Еве на пример погледнете што правеа со Прогласот на ВМРО-ДПМНЕ од 17ти декември. Ние таму јасно кажавме дека ќе ја продолжиме нормалната комуникацијата со амбасадорите, тоа на медиумите и кај аналитичарите платени од Сорос никаде го нема, но има дека сме објавиле војна на амабасадорите, и дека сме решиле да се самоизолираме. Ние кажавме дека некои амбасадори претераа во мешањето во внатрешните работи на земјата и дека тоа мора да запре, тие тоа го спинуваа дека сме против Америка и против Западот, против НАТО и ЕУ. Никој од нив не пренесе дека во истиот проглас кажавме дека бевме и ќе бидеме западно ориентирани, за членство во НАТО и ЕУ, и за стратешка соработка со Америка. Никој.Нивните платени аналитичари секоја вечер мелат иста приказна, зборувај ти што сакаш. Може светски медиуми како Асошиејтид Прес или Вашингтон Пост корекно да ја пренесат информацијата, но неможе истото да го направат медиумите финансирани од Сорос фондацијата во Македонија.

Но, има лек и за тоа…

Пред да зборуваме за лекот, дозволете да ве прашам, зошто го прави ова Сорос во Македонија, кое е Вашето мислење?

Како што кажав не го прави само во Македонија, туку во поголем број земји, не само од регионот и од источна Европа, туку како што гледате и во самата Америка.

Второ, од она што сум прочитал за него во некои земји ударите ги прави заради финасиски матерјални причини, за да заработи многу пари, во некои пак заради идеолошки причини.

Тој има одредена идеологија за која многупати и јавно говори, која ја заснована на принципи кои ги дефинира за отворени и затворени општества, при што идеологиите на конзервтаивните влади, десноцетристичките влади најчесто му личат на затворени, што е тотално неточно, ама тој така го доживува тоа.

Не случајно сите негови НВО и платеници секој ден зборуваат за слобода и демократија. Тие кои живеат овде во земјата знаат дека тоа го имаме, но мора да ги оправдаат парите кои ги трошат. Никој од нив нема интерес да му ј каже вистината. А ним им верува.Сорос, освен еднаш во1991 год на еден ден, никогаш не бил во Макеоднија, и тој сликата за нас ја прави според тоа што му го кажуваат оние на кои им верува. Тој ги прифаќа нивните ставови и носи одлуки на база на тоа, потоа плаќа за горе долу преку тие луѓе да ја смени реалноста, која му е преставена како реалност. Последиците ги трпи целиот народ, а тој Сорос веројатно верува дека прави некоја добра работа, плус тоа му го потврдуваат оние кои му креирале такво мислење. Да бил тука барем една недела или две, да се прошетал низ градовите и да поразговара со народот, би се фатил за глава околу тоа што прави, но тој нема време за тоа.

Мислите ли дека не е свесен што прави и каде се трошат неговите пари?

Видете, тој има многу информации за Македонија и за нас, многу повеќе отколку што верувате. Многу. Но искривени, неточни и погрешно пласирани. Јас сум убеден дека барем дел од проблемот се и неговите заблуди, а не само различната идеологијата од нашата.

Сѐ уште мислам дека не е свесен кого поддржува во Македонија и против кого е. Неговото мислење за нас, кое подоцна го наметна и кај некои структури на Стејт департментот и кај други влади е базирано на многу дезинформации и на свесно направени погрешни толкувања на нашите чекори и политика. На пример, спротивно од тоа што го декларира јавно, вклучително и во неговата последна колумна пред нова година, тој, свесно или не, во Македонија поддржува криминалци, авторитарни политичари, политичари што оставија без работа повеќе од 200.000 работници во процесот на транзицијата и низ процесот на криминалната приватизација, а еквивалент на тоа во Америка, според големината, е како во неколку години да се избркаат од работа околу 35 милиони работници. Како? Многу едноставно, направија закони со кои државните фирми место преку берза или на друг конкурентен начин, им ги продадоа за симболичен износ на олигарси блиски до својата партија, за овие потоа да им ја финансираат партијата и самите нив, политичарите од СДСМ, за кои Сорос смета дека градат отворено општество.Тие стари комунистички директори не знаеја да отворат нови пазари. Со распадот на комунизмот старите им се затворија поради либерализацијата, па ги избркаа вработените на улица, но капиталот го задржаа. Само поради ова, а има уште многу причини, да сум јас на негово место не би помислил да поддржам таква партија.

Или да земеме уште еден пример. Поддржува лидер фатен на дело, со легално направена снимка по наредба на обвинител, како бара мито од бизнисмен и како раскажува дека сите бизнисмени во неговата општина во која тој е градоначалник на ист начин плаќале мито, дури и се чуди како тој што дошол кај него не е запознаен со редот во општината.

Поддржува политичка елита, за која е докажано дека дава лажни ветувања поради кои и неколку пати беше казнета од мнозинството народ. Елита што финансиски и економски ја фрли Македонија на колена, која кога владееше владееше без никаков економски концепт за државата, и елита што никогаш, буквално никогаш нема привлечено странска грин филд инвестиција, која отворила едно работно место во земјата кога била на власт. Ова го кажувам сега, кога поминаа изборите, за да не се сфати дека е дел од кампања. Не е. Тоа е дел од реалноста. Затоа, велам, надвор од идеолошкиот дел, мислам дека Сорос е во заблуда и не верувам дека ќе ја признае. Не ја познава земјата, прима само извештаи од луѓе на кои им верува, а тие, пак, од лица од структурите на СДСМ. Најголем дел од вработените во НВО и во други институции што ги финансира Сорос се активисти на СДСМ или дури и нивни функционери, како, на пример, претседатели на локални организации и слично.

Сорос поддржува партија што кога владееше, а и денес кога владее по општините низ Македонија владеe недемократски, авторитарно, ја задушува слободата на медиумите до максимални граници, потоната е во криминал и во корупција, спроведува класично мафијашко водење на владата, или денес општините, политичка елита која народот го гледа само како средство, како инструмент да дојде на власт и до државните ресурси и што подолго да се задржи на неа заради свои лични интереси.

Еве земете го примерот на актуелниот претседател на СДСМ за кој се откри дека со години, поголем дел од позначајните тендери во општината која ја води 11 и пол години ги доделувал на неговите роднини и високи партиски функционери. Тоа ли го подржува Сорос? За тоа ли ги троши неговите пари во Македонија? Му го кажал ли некој ова? Сигурно не, ниту пак ќе му го каже, или ако му каже ќе му каже дека се е тоа некаква местенка. Или земете го примерот со случајот Цареви кули, каде  лидерот на опозицијата, договорил мафијашка зделка со некој бизнисмен за да ги избегне плаќањата на комуналии кон општината, да ги изгради на диво објекти по донесувањето на законот за легализација на дивите градби, а тој да му овозможи легализација како да е изградено пред законот. Заборавиле само дека гугл секои 6 месеци врши снимки на цела земјина топка, и таму јасно се гледа кога е изграден објектот. Такво ли владеење подржува Џорџ Сорос?

Знае ли Сорос дека шефот на опозицијата за кого овој троши милиони евра за да го донесе на власт е амнестиран во криминална афера тешка 8 милиони евра, приближно колку што Сорос годишно троши во Македонија.Или му кажале дека и тоа е местенка?  Знае ли дека долго време исто се правдаше дека не барал амнестија и неможел да ја спречи одлуката на претседателот на државата, а сега откога се смени законот и секој има право да побара поништување на амнестијата, ,,лидерот,, никаде го нема, и чека да застари делото. Не ли е ова мафијашко владеење, и ова ли го подржува Сорос, или за тоа никој ништо не му кажува. Како што веројатно никој не му кажува дека заменик претседателот на СДСМ заедно со сопругот имаат месечни примања од околу 10 илјади евра, во земја со просечна месечна плата од околу 370 евра, од кои поголем дел од парите се од издавање на сопствениот имот вклучувајќи го и оној во кој живеат, на фирмата каде сопругот и е управител.

Знае ли Сорос дека кога неговиот пулен Заев треба да се појави на суд за корупција, шефот на опозицијата не доаѓа и вели дека бил на средба со некој амбасадор, што потоа амбасадорот јавно го негира, и на крај се покажува дека бил на средба во амбасадата со некој волонтер преведувач. И воопшто кој за средба со амбасадор одложува судско рочиште освен ако не е до срж корумпиран и виновен? Знае ли Сорос какви закани упатува кон медиумите кои не го поддржуваат човекот кој тој финансиски го подржува за да стане премиер? И тоа јавни закани. Прогласувајќи ги јавно за свои непријатели тие медиуми на прес конференција.  А тие медиуми си знаат уште какви не закани имаат кои не се јавни, туку испратени преку гласници, со цел да ги замолчат да зборуваат за неговиот криминал, лаги и погрешни политики.

Да, за жал, свесен или можеби несвесен, тој си знае најдобро, Џорџ Сорос подржува во Македонија владеење на една корумпирана и криминална политичка елита, автократски лидер на кој не смее никој да му се спротистави за време на партиските седници на ЦК, наследници на поранешните комунисти, тотално отуѓени од народот, и кој народот го гледаат само преку призмата на својот личен интерес. Тој го финансира, токму она за кое јавно се декларира дека е против и дека се бори, а всушност се бори токму против оние, кои со сите слабости, имаат најмногу направено за зацврстување на демократијата, слободата, економијата и државата во целина. Тешко ми е да поверувам дека тоа го прави свесно.

Целото интервју прочитајте го на „Република“…

 
 
03.01.2017 - 15:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа