ЈП „Пазари“-Битола со поголем буџет во 2017

Јавното претпријатие „Пазари“-Битола во 2017 година ќе работи со поголем буџет, а зголемувањето на приходите се очекува од искористеноста на капацитетите во Маас пазар кои, како што информираат од овој јавен сервис, по реконструирањето работи со 100 процентен капацитет.

Според проекциите на менаџментот на ЈП „Пазари“ одобрени од основачот, Советот на општина Битола, во текот на оваа година се очекуваат зголемени приходи и од продажба на услуги, односно од наплата на пазаришна такса, паушал и закупнина на продажен простор кои во однос на 2016 година ќе бидат поголеми за 2,5 отсто.

- Со поголем и стабилен буџет ќе обезбедиме финансиска стабилност на претпријатието и континуитет на реконструкцијата на градскиот пазар. Тоа значи дека по празниците ќе почне партерното уредување на делот од пазарот пред управната зграда каде се наоѓа т.н. реон за бижутерија кој според проектот ќе биде покриен, а паралелно ќе се работи на нов урбанистички план за Маас-пазар кој ќе овозможи изградба на нови објекти. Нашата крајна цел е да создадеме услови за целосно покривање на пазарот во централното градско подрачје и поставување на нови современи стандардизирани тезги кои ќе се во функција на продавачите и потрошувачите, посочуваат од ЈП „Пазари“-Битола.

ЈП „Пазари“-Битола најголем дел од приходите или 50,5 отсто ги обезбедува од месечниот паушал на продавачите, 24,5 отсто се приходи од пазаришна такса, закупните овозможуваат приход од 18,2 отсто, додека во текот на годината од Сточен пазар со кој исто така стопанисува ова претпријатие се обезбедуваат 6,8 отсто од вкупните приходи.

- Сите планирани индикатори за работењето во 2017 година ни посочуваат позитивен раст и добивка, а тоа ќе го оствариме со 42 вработени лица, информираат од ЈП „Пазари“-Битола.

 
 
04.01.2017 - 10:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега