Изјавите на Дачиќ предизвикаа „бура" во Скопје, аплаузи во Атина

Изјавите на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ околу името на Република Македонија предизвикаа бура во Скопје, но конечно доведоа до „опуштање“ во односите со Атина кои последните години беа затегнати, пишува денеска српскиот весник  „Вечерње новости“.

Најавата за промена во политика на Белград кон Скопје, односно пораката на Дачиќ дека Србија во билатералните односи со Македонија ќе го употребува уставното име, но дека во мултилатералата ќе го користи називот кој се употребува во ЕУ и во ООН – Поранешна југословенска Република Македонија (ПЈРМ), според весникот, наишла на воодушевување во официјална Атина.

- Според нашите информации, Грците преку дипломатски канали веќе пратиле порака до српските власти дека оваа одлука е дочекана со големо одобрување и дека дошла во идеален момент спроти посетата на премиерот Алексис Ципрас на Белград, планирана за крајот на јануари, посочува весникот.

На пораките на Дачиќ кои во Македонија се протолкувани како дипломатски скандал, во грчката јавност им е даден голем публицитет, а информацијата е објавена во ударните термини на телевизиите и на насловните страници на водечките весници.

Дачиќ пред неколку дена во интервју за „Бета“ порача дека Србија е за мир во регионот, но оти нема да дозволи да биде понижена и да работи на своја штета. Тој, меѓу другото, како пример наведе дека Србија го признала уставното име на Македонија иако со тоа ја налутила Атина, а дека од Скопје како „благодарност“ добила признавање на независноста на Косово и поддршка на членството на Приштина во УНЕСКО.

 
 
05.01.2017 - 14:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега