ВМРО-ДПМНЕ: Никаде опозицијата не купува поени со ветувања дека ќе го укине екстерното

СДСМ на изборите беше поразен и во состојба на очај се обидува со нереален популизам да ги прелаже граѓаните дека сака да им го олесни животот, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија не направила ништо за подобрување на квалитетот на образованието, туку, како што наведуваат, работела на негова штета.

– Сега со најновите т.н. реформи, СДСМ предлага бркање на наставници и професори од работа преку намалување на фондот на предмети и часови. И бркањето луѓе од работа е традиционална вредност на СДСМ која за среќа на граѓаните нема да се реализира.
Граѓаните гласаа за програмата Реално и затоа нема да има бркања на професори и наставници од работа. Тоа е сигурно и јасно како ден. Но, исто така, реално ќе се оценуваат и учениците. ВМРО-ДПМНЕ е против лошите вредности од транзицијата и наметнатото рушење на критериумите поради притисоци од родители за оцените на своите деца. Еднаш откако ќе се попушти на притисоците се воедначува спуштениот критериум кон сите па имало ситуации во кои цели одделенија биле со одличен успех, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ, се додава, секогаш ќе биде принципиелно против основци и средношколци со помало знаење од потребното поради кое ќе трпат последици низ целиот живот, на факултет и на пазарот на трудот, меѓународно нема да се конкурентни, а се праќа и пораката дека, како што се посочува, може да се успее и без труд туку со врски и ургенции.

– Главен губитник од сето тоа се децата кои се жртви на пропагандата на СДСМ. Но, губитник е и целото општество.  Додека земјите во светот се во натпревар кој повеќе и побрзо ќе направи некаква иновација, во Македонија не смее натпреварот да биде кој со помалку учење, предмети и часови ќе заврши училиште. Секаде во светот има континуирани тестирања и никаде опозицијата не купува поени со ветувања дека ќе го укине екстерното, се наведува во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ, посочуваат дека секаде во светот опозицијата исто така го признава и прифаќа поразот на изборите, а нашата е, оценуваат, специфична и не мисли на доброто на идните генерации, ниту ја прифаќа волјата на мнозинството, затоа, наведуваат, и после 10 изборни циклуси продолжува да биде опозиција.

 
 
05.01.2017 - 14:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега