Традиционално бадникување пред Соборниот храм во Скопје

Православните христијански верници во Македонија денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово - Божик. Традицонално скопско бадникување се одржа пред платото на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во организација на Здружението на граѓани Одбор за прослава на Бадник.  

Одбележувањето на Бадник почна со бадниковата химна што ја исполни Силви бенд и со кревање на бадниковото знаме.

 

Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан со пригодна беседа им се обрати на скопјани и на сите добронамерници. Тој посочи дека Бадник е всушност нашето очекување, нашето бдеење пред утрешниот спасоносен настан. На овој ден, нагласи, ние православните христијани должни сме да размислуваме и за поводот што не собира и за тоа особено колку сме подготвени да го дочекаме и примиме Небесниот патник за што овој величествен Божикен ден е повеќе од празник.

- Тоа е настан што ја смени и смислата и целта на човечкото постоење како и историјата на сметот. Христовото доаѓање на земјата е настан што постојано се повторува. Христос се раѓа во душите на верниот народ и го просветува, се раѓа во срцата и ги исполнува со љубов, се роди како човек за и ние да се родиме во Бога. И постојана е потребата од Господа Христа. Тој им е потребен на сите генерации во сите времиња. Само со Христа можеме да ги решиме сите недоразбирања, да ги премостиме сите меѓусебни далечини и да ги надминеме сите разлики меѓу нас. А за да го постигнеме тоа потребна ни е силата на Христовиот дух кој од секого прави нов човек, човек обновен во Христа. Да се потрудиме овој Бадник да го доживееме подготвени и со чувство дека навистина сме достојни учесници во спасоносниот настан на Христовото рождество, рече г.г. Стефан.

 

Г.г. Стефан му го предаде преодниот ќуп на новиот кум Радко Манов, кој им ја честиташе Новата 2017 година на граѓаните и им им посака среќа, радост и бериќет.

Беше кршена погача со паричка, по што новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството со пајтон, симболот на старо Скопје, замина од пред платото на Соборниот храм.  

Бадниковите гранчиња што годинашниот кум и здравичарот традиционално порано ги набраа од падините на Водно, по осветувањето од свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ заедно со  нафората, чајот и ракијата, им се делеа бесплатно на присутните.

 
 
06.01.2017 - 13:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега