СПМ: Жестоко ќе се спротивставиме на секој обид за менување на Уставот

Социјалистичката партија на Македонија и во оваа прилика нагласува дека на 11-ти декември 2016 година во Република Македонија се спроведоа фер, демократски и кредибилни вонредни парламентарни избори, потврдени и од страна на маѓународната заедница и сите фактори вклучени во процесот, со што уште еднаш се потврди легитимитетот на Коалицијата „За подобра Македонија“ која е изборен победник, со што се сполнети сите уставни и законски одредби за добивање на мандатот за формирање на новата Влада на Република Македонија.

Социјалистичката партија на Македонија во изминатиот постизборен период со внимание ги следи партиско политичките случувања во државата како и контактите и разговорите на лидерите на партиите од албанската националност во Република Македонија со премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Косово Хашим Тачи.

Социјалистичката партија на Македонија го осудува непримерното однесување на албанскиот премиер и косовскиот претседател, непосредно по спроведените избори и во фаза на формирање на владата, сметајќи го како неодговорно, непромислено и грубо мешање во внтарешно политичките односи во Република Македонија кое ќе остави последици во односите со нашата земја.

Тоа претставува преседан во односите кон една соседна држава, надвор од сите дипломатски норми и протоколи, со што се поткопува довербата кон нив и во нивната искреност за градење на добрососедските односи со Република Македонија.

Сметаме дека со овие чекори официјална Тирана се поставува како центар во формирањето на голема држава иако историски сите слични проекти доживувале целосен неуспех, особено на нашите простори, што на инспираторите би требало да им е познато.

Со ова се подгреваат тензиите и спротивставеностите во меѓуетничките односи во Македонија, кои врз национална основа лесно можат да добијат и сериозно пошироки димензии.

Раѓањето на национализмот предизвикува создавање на националшовинизам и започнување на процес на хомогенизација исклучиво по национална основа.

Резултат на активностите на македонскиот албански политички блок и неговите надворешни ментори е заедничката таканаречена Платформа со барања и услови за преговори за составување на нова Влада со македонските политички партии.

Социјалистичката партија на Македонија смета дека е ова проект директно насочен кон загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

Социјалистичката партија на Македонија жестоко се спротивставува на таканаречената Платформа и целосно ја отфрла нејзината условувачка соддржина, сметајќи го овој уценувачки документ како апсолутно нереален и крајно неприфатлив.

Социјалистичката партија на Македонија смета дека со таканаречената Платформа на политичките партии од албанската националност во Република Македонија се напушта Рамковниот договор од 2001 година со кој се прифатени, а со уставните и законските измени, имплементирани сите барањата за градење на демократско граѓанско општество со подеднакво почитување на правата на граѓаните од сите етнички заедници во државата.

За Социјалистичката партија на Македонија таканаречената Платформа претставува сериозен удар врз унитарноста на Република Македонија, нејзиниот уставен поредок, напуштање на воспоставениот граѓански општествен концепт на уредување и враќање на националните позиции од кои се раѓа национализмот.

Социјалистичката партија на Македонија смета дека сето ова не е волја на албанскиот народ во Република Македонија туку на регионалните радикални сили и глобални центри на моќ кои настојуваат да создадат раздор во изградениот политички систем во државата.

Социјалистичката партија на Македонија ги потсетува Албанците кои живеат во Република Македонија на изградениот соживот и на тешките и добрите периоди од заедничкото минато, напоменувајќи дека во ниту една земја во светот националното прашање не е решено како во Република Македонија. 

Граѓаните во Македонија се зрели луѓе и само преку дијалог, разговор и со договор можат да ги надминат сите недоразбирања или отворени прашања, свесни дека на сè има крај, односно дека со појавата на национализмот се раѓа и друг национализам.

Социјалистичката партија на Македонија жестоко ќе се спротивстави на секој обид за менување на Уставот и не прифаќа никакви уцени и притисоци при формирањето на новата Влада од партиите во Коалицијата „За подобра Македонија“ што ја добија довербата од мнозинството на граѓаните, потврдено и со бројот на мандати во Собранието на Република Македонија.

 

Социјалистичката партија на Македонија очекува новата Влада да продолжи, таму каде што застана, да ги гради и развива меѓуетничките односи, довербата и соживотот, создавани во изминатиот период во интерес на сите македонски граѓани.

(Интегрален текст од писмено соопштение на Социјалистичката партија на Македонија)

 
 
11.01.2017 - 13:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа