ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја кројат новата Влада - се готват новите тимови

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се уште ги подготвуваат тимовите кои ќе ги водат преговорите за формирање на новата Влада. Од двете партии од веќе 10 дена, не може да се добие конкретна официјална информација за тоа како течат преговорите. Според неофицијални информации, разговорите се уште се водат на пониско ниво и се уште нема средби на работните групи од двете партии.
Во ВМРО-ДПМНЕ ниту ја потврдуваат ниту демантираат оваа информација. Велат дека кога ќе имаат конкретни информации, ќе и ги соопштат на јавноста.
Молк владее и во ДУИ. И интегративците не се расположени за повеќе детали од преговорите.
Она што го соопштуваат неофицијални извори од ДУИ е дека не сакаат преговорите да ги водат со „директен пренос“ во медиумите и дека штом има нешто за што вреди да бидат информирани граѓаните, тие веднаш ќе излезат во јавноста.

 

Лидерот на ДУИ Али Ахмети истакна дека е потребно да се испочитува „мајскиот договор“ според кој победниците во македонскиот и албанскиот политички блок треба да направат заедничка коалиција.
Истовремено, Ахмети потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ ја има довербата кај македонското гласачко тело, особено ако се има предвид дека огромен број од гласовите кои СДСМ ги освои на последните избори не доаѓаат од гласачите Македонци.
Според некои неофицијални математики, ВМРО-ДПМНЕ има околу 100.000 гласа повеќе од етнички Македонци во однос на СДСМ.

Груевски има рок да ја формира Владата до 29 јануари. Доколку тоа не се случи, никој со сигурност не може да каже, каков ќе се развиваат настаните понатаму. Во игра се повеќе опции, меѓу кои, формирање на мнозинство без победникот на изборите, односно ВМРО-ДПМНЕ, како и формирање на т.н. широка коалиција со сите партии во Владата или пак нови предвремени парламентарни избори кои не може да се одржат пред 11 јуни, со оглед на законското ограничување од минимум 6 месеци меѓу два идентични изборни процеси.

 
 
17.01.2017 - 18:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега