Илиоски до Плевнелиев: Со политиката која Бугарија повеќе години ја води кон Македонија само се влошуваат односите

Прочитавме изјава на доскорешниот претседател на соседна Бугарија кој гордо се пофали пред јавноста дека не ја посетил Македонија во неговиот мандат и меѓу редови дека бил заговорник на заострување на односот на Бугарија кон Македонија. Прилично популистичка изјава на Плевнелиев наменета за домашната јавност. Демек покажал мускули кон нас во Македонија и со гордост се пофали за тоа. Сигурно некои луѓе во Бугарија му рекоа: Браво. Но, сакам да го прашам Плевнелиев, што постигна со тоа? Дали со тој пристап ги подобри односите со Македонија?, напиша на својот ФБ профил пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски.

-Со оваа политика што Бугарија повеќе години ја води кон Македонија само се влошуваат односите. Порасна недовербата на двете страни, и меѓу народите и меѓу политичарите. Со оваа политика ние дополнително се оддалечуваме. Во некоја мера нарасна и меѓусебна омраза. Нема дијалог, има препукување со изјави. Македонскиот народ знае дека на пример на состаноците на ЕК во Брисел најжестоки против Македонија во последните две години се преставниците на Бугарија на секое ниво. Го знаеме тоа и знаеме дека тоа е намерно и свесно. Бевте многу пожестоки и поактивни против Македонија, дури и од Грција. И што мислите, дека на тој начин Македонците повеќе ќе ја сакаат или почитуваат Бугарија? За жал, во реалноста се случува обратно. Расте омразата, отпорот, гневот кон Бугарија кај луѓето тука. Расте отпорот кај народот за било што да остапат македонските политичари кон Вас, во однос на Вашите барања, пишува Илиоски.

Ако тоа беше целта на Плевнелиев и другите бугарски политичари, додава пратеникот, тогаш се на добар пат и треба да им се честита. Ако идејата, политичката намера била друга, тогаш направиле целосно промашување.

-Претпоставувам дека тие веруваат дека на таков начин Бугарија ќе ја “дисциплинира” Македонија да дејствува и мисли како што тие сакаат. Тоа е легитимна политичка цел, но со целосно контрапродуктивни средства и чекори. Со уцена, со правење штета, со навреди и закани.  Или пак онаа политика со јавно напаѓање и навредување на политичките лидери кои во Македонија се најприфатени и најавторитетни од народот. Мислите дека со тоа им го намаливте угледот кај нас? Не, дури им го зајакнавте. Кога за таквите лидери лошо говори тој што лошо прави на Македонија, и во Брисел и каде ќе стигне, народот се солидаризира со нив. Пак промашувања. Нервозни и непромислени чекори. Тие веројатно произлегуваат од фактот што Бугарија е членка на НАТО и ЕУ, а Македонија не, па бугарските политичари добиле чувство на моќ кое на непромислен и незрел начин го користат. Од една страна ни говорат дека сме братски народи од друга страна ќотекот.Да не живееме заглавени во времињата на балканските војни од раниот 20 ти век, и впрочем дали бугарските политичари и за други прашања живеат заглавени во историјата пред 100 години? Верувам дека не. Затоа што гледам дека политиката на Бугарија кон соседна Србија и Грција е на современи, а не на историски односи, што така и треба, инаку нема да има напредок туку само проблеми, пишува Илиоски.
Исправниот начин е да се прифати реалноста. Пред се политичката реалност. Не напаѓате, додава Илиоски, дека немало да влеземе во ЕУ со македонизмот. Па, сите македонци во Република Македонија сме македонисти. Што треба да бидеме во сопствената држава Република Македонија?

-Мислите дека оние луѓе кои од мака земале бугарски пасош и биле заради тоа принудени да се пишат Бугари во некои ваши формулари не се македонисти? И тие се македонисти, се лажете ако мислите поинаку. Времето ќе ве увери. Тоа не значи дека нема некои луѓе во Македонија кои се деклариираат за Бугари, се разбира дека има, но ако вашата математика се бројот на издадени пасоши, во тешка заблуда сте.  Затоа велам, можеби подоцна од некои други, но Македонија создаде и своја држава и своја нација, и свој јазик, посебност, идентитет. И тоа е политичка реалност со децении. Колку повеќе го негирате, толку повеќе си ја сакаме и државата, и нацијата и јазикот, и толку повеќе ги сметаме за посебни и го јакнеме чуството за нашиот идентитет. Историјата е историја и таа треба да се проучува, објаснува и почитува, да се извлечат поуки и да не зближува а не да не оддалечува. Сме имале многу заеднички работи низ неа. Тоа е неспорно. И тоа било реалност некогаш. За жал ваквиот однос на бугарските политичари креира нова спротивна реалност, наместо блиски и братски односи преку соработка, чести средби, меѓусебно уважување и помош, помош кога ни е најпотебна без уцени како сега за влез во Еу и НАТО, одмерени изјави…, ние имаме сосед кој постојано има потреба да не казнува и дисциплинира со одмазнички чекори и навредлива реторика, со список на уцени. Разбирам дека сте убедени дека имало и наша вина, и можеби нешто сме погрешиле, но ваквиот начин на справување со тоа само ќе не однесе во уште поголеми меѓусебни проблеми и непријателство од кое никој нема да има корист. Ако не ми верувате, направете едно истражување, една анкета во Македонија, да видите што народот мисли за Вас и вашите политики овде, ако воопшто нешто тоа ви значи, и ако не ви е пред се личниот рејтинг пред вашето гласачко тело. Потребно е постратешко размислување. Се додека Македонија ја имате како тема за добивање дневни политички поени помеѓу партиите и политичарите, се додека потклекнувањето под некои притисоци пред поголемите и помоќни земји во светот, што е судбина на сите помали земји во светот, а балканските се сите мали земји, се додека тие непријатности сакате да го компензирате со покажување мускули кон помалата соседна држава, ќе градите само поголемо непријателство помеѓу народите и државите и ништо добро нема да видите ни вие ни ние од тоа. Треба разум, визија, зрело расмислување и приземност. И многу разговор со нас, со нашите лидери, дијалог. Па во еден брак, ако мажот и жената подолго не разговараат отворено и искрено се создаваат проблеми кои често го растураат бракот, а што останало за ваква напрегната соседска политика. Таа само не оддалечува. Цела оваа генерација народ од двете земји ја осудувате да се гледа попреку. Политиката на Жељу Жељев можеби не му донесе дома толку политички поени како на вас, но ги зближи народите, државите, и ги загрижи сите оние кои не сакаат добри и братски односи помеѓу Бугарија и Македонија. Размислете малку, пишува Илиоски.

zoran-ilioski

Илиоски: Зошто Дачиќ не се „пресмета“ и со Америка, Англија, Германија, Франција кои исто како Македонија го признаа Косово?

Илиоски пред неколку дена на својот Фејсбук профил коментирајќи ги последните изјави на ивица Дачиќ запраша зошто Дачиќ не се пресметува со други држави кои го признале Косово и пред Македонија, туку одлучува тоа да го прави само со нашата држава.

Сите тие многу пред Македонија го признаа Косово, гласаа за негов прием во УНЕСКО, а некои од нив и лобираа кај други држави да го сторат истото, напиша тој на Фејсбук.

„Бидејќи Дачиќ стана љубител да дава изјави за Македонија еве и од мене неколку прашања:

Зошто вака не се пресметуваат како со Македонија со сите земји што го признаа Косово, како на пример Америка, Германија, Англија, традиционално пријателската Франција, Италија со која имаат заеднички седници на Влада, Холандија, Белгија, Шведска, Канада, Австралија, итн итн.. Сите тие многу пред Македонија го признаа Косово, гласаа за негов прием во УНЕСКО, а некои од нив и лобираа кај други држави да го сторат истото.

Еве Дачиќ нека одговори кој ја прашува Македонија зошто седи во УН, ОБСЕ и слични, зошто тој како МНР на Србија не ги прекине дипломатските односи со 134 земји во светот кои го признаа Косово, и зошто со сите овие земји Дачиќ има средби?

Зошто преговара со ЕУ за членство кога знае дека 80% од земјите на ЕУ го признаа Косово?

Зошто Дачиќ на некои меѓународни конференции со својот талент за пеење и хумор на свечените вечери го развеселува премиерот на Албанија Еди Рама, земја која се смета за матична држава на сите Албанци?

Зошто се труди да има добри и државни и пријателски односи со Меркел, со Оланд, Меи и нивните МНР, земји кои во првата група на земји го признаа Косово?

Зошто баш сега пред претседателските избори во Србија му текна да се конфронтира само со помалите држави во Европа како Македонија или Црна Гора, а не и со другите гореспоменати?

Дали Дачиќ се плаши истите негови изливи на шовинизам да ги изрази кон другите 134 земји и особено со најголемите сили?

Дачиќ може да најде и подостоинствен начин да им се претстави на српските граѓани како храбар патриот пред неговата кандидатура за Претседател на Србија.“

 
 
23.01.2017 - 11:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа