Груевски и Ахмети не брзаат - нова Влада до недела?

Јавноста исчекува партиите молчат. Ниту во ВМРО-ДПМНЕ ниту пак во ДУИ никој не кажува колку ги дели двете партии од договор за формирање на новата Влада на два дена пред истекот на рокот во рамките на мандатот на Груевски.
Раководството на ДУИ денеска одржуваше серија средби во Мала Речица по кои, партискиот портпарол Бујар Османи излезе со информација која ниту малку не ги расчисти дилемите околу тоа, дали во првиот период од 20 дена ќе ја добиеме новата Влада.
Османи рече дека Ахмети имал средби со партиските потпретседатели но дека немало средба на највисокото партиско тело Централното претседателство, бидејќи се уште немало предлог по кој требало да се одлучува.
На другата страна, ВМРО-ДПМНЕ молчи и не излегува со никакви информации. Високи партиски функционери за Press24 уште на почетокот на преговорите потенцираа дека не планираат од нив да вршат „директен пренос“ и дека нема да излегуваа со никакви информации додека нема нешто конкретно, а кога тоа ќе се случи, јавноста навремено ќе биде известена.
Медиумите пак веќе подолг период креираат тензична атмосфера. Оние кои важат за блиски до СДСМ и соровите структури во серија конфузни текстови најавуваат масовни протести на Албанци доколку ДУИ влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и упатуваат серија критики на адреса на Ахмети. Истовремено се креира атмосфера за тензична ситуација и во редовите на интегративците.
Медиумите кои се блиски до владејачката партија, со мали исклучоци се воздржуваат од објавување на информации поврзани со преговорите бидејќи истите нема начин да се проверат, со оглед на тоа што учесниците во преговорите го почитуваат договорот да не се откриваат детали до нивниот финиш.
Рокот во кој Груевски треба да го предложи новиот состав на Владата заедно со нејзината програма до Собранието истекува во недела на полноќ. Иако експертите платени од СЈО и СОРОС влегоа во длабоки анализи околу тоа кој би требало да го добие мандатот од Иванов, праксата вели дека мандатот, како парче хартија нема апсолутно никакво значење и воопшто не е важно кој го поседува.
Согласно Уставот и законите, Владата ја формира оној кој ќе обезбеди мнозинство во Собранието, па оттука, никаде не е ограничено дека за формирање на влада може да преговара само оној кој го добил фамозниот мандат од Претседателот.
Во пракса, ништо не го спречува лидерот на СДСМ, Зоран Заев да разговара со ДУИ и останатите албански партии за формирање на новата влада и без „мандат“, а доколку обезбеди 61 глас во Собранието со или без „благословот“ на Иванов ќе може да стане премиер.
Тоа исто така значи дека „рокот“ за формирање на нова Влада во рамките на мандатот на Груевски нема никакво значење, особено ако се знае, дека и по него, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ можат да продолжат со преговори, без разлика дали и кого Иванов ќе повика во својот кабинет. Согласно Уставот, владата ќе се формира тогаш кога за неа во Собранието зелениот тастер ќе го притиснат 61 пратеник.

 
 
27.01.2017 - 21:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега