ВМРО-ДПМНЕ ја одби платформата на ДУИ - преговорите прекинаа се бараат нови избори

Платформата на албанските политички партии е неприфатлива за ВМРО-ДПМНЕ. Ваква одлука паднала вчера доцна вечерта по серијата состаноци на највисоките партиски тела во најголемата политичка партија во земјава.
По оваа одлука, како што дознава Press24 од партиски извори, дошло до прекин во преговорите по што ДУИ не успеале да донесат конечна одлука.
По завршувањето на рокот во рамките на мандатот доделен на ВМРО-ДПМНЕ, од партијата во писмено соопштенија објавија дека според нив, излез од состојбата е одржување на нови парламентарни избори.
- ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата „За подобра Македонија“ како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Секое друго решение, како што се посочува натаму, само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на чии било програмски цели.

- Очигледно некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој, се наведува во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека останува на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и Прогласот усвоен на 17 декември 2016-та година.

 

Според експертите, сега на потег е Претседателот Иванов кој има обврска мандатот да му го додели на друг функционер од ВМРО-ДПМНЕ, како во 1992 година кога по Петар Гошев Мандатот го доби Бранко Црвенковски

Рокот за доставување персонален состав и програма на новата Влада согласно Уставот и согласно Деловникот на Собранието на РМ истече на полноќ. Со оглед дека во предвидениот рок не се постигна договор за состав на нова Влада меѓу мандатарот Груевски и коалициониот партнер, а имајќи ја предвид обврската утврдена во член 90 од Уставот, мандатот за состав на Влада и натаму треба да остане кај победничката партија, односно кај ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија, вели универзитетската професорка по уставно право, Тања Каракамишева- Јовановска.

 
 
30.01.2017 - 12:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега