ВНИМАВАЈТЕ: Измамници низ Охрид - се претставиле дека се од Израел и му одзеле 1000 евра

Две лица, засега непознати за полицијата, вчера извршиле кривично дело „измама“ во Охрид. Двете лица на возраст од педесетина години вчера околу 10:30 часот на улицата „7 Ноември“ пресретнале жител на Охрид и од кој успеале да одземат илјада евра.

Според соопштението од СВР Охрид, откако започнал разговор со оштетениот едното од двете лица му рекол дека другиот човек е државјанин на Израел кој имал сообраќајна незгода во Охрид поради што морал итно да плати оштета. Притоа тој од повозрасниот охриѓанец побарал да му помогне на странецот и да му даде пари за плаќање на оштетата, нудејќи му во залог рачен часовник за кој рекол дека е со вредност од четири илјади евра.

Верувајќи во кажаното и со желба да му се помогне на странецот, охриѓанецот му дал илјада евра со очекување дека откако ќе ја платат оштетата, двајцата ќе се вратат и ќе му го вратат заемот.

По примената пријава од оштетениот, СВР – Охрид презема мерки за пронаоѓање на сторителите. Притоа до граѓаните на Охрид се апелира да внимаваат во разговори со непознати, да не наседнуваат на вакви изговори и евентуалните слични настани веднаш да ги пријават во полициска станица или на полицискиот број 192.

 
 
01.02.2017 - 21:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега