Претседателот Иванов ја фрли бомбата

Доколку партиите не се договорат за мнозинство, Македонија може да остане без Влада на неодреден период.
Според аналитичарите, пред македонските политичари се три опции. Формирање на Влада, организирање на предвремени избори и продолжување на „мандатот“ на техничката Влада.

По неуспехот на Груевски и Ахмети да формираат Влада во првиот рок, на ред се политичарите и нивните преговарачки способности.

 

Обидите на дел од политичките партии, неспособноста да формираат влада да ја префрлат врз претседателот пропадна, откако вчера Иванов јасно им порача дека ако сакаат Влада да си соберат 61 мандат.
Со тоа претседателот јасно им стави на знаење дека клучот за формирање на нова влада не е во неговиот џеб, туку се наоѓа кај Собранието, односно пратениците кои треба да се договорат и да си ја изгласаат Владата. Кажано со речникот на Али Ахмети, Иванов ја фрли бомбата во партиските дворови. 

Одредени аналитичари коментираат дека целата дебата со фамозниот мандат и тоа на кого Претседателот треба да му го додели е приказна за дефокусирање на јавноста од вистинските преговори меѓу партиите, односно од одговорите кои политичарите треба да им ги дадат на граѓаните, околу тоа, што се нуди и што се прифаќа за формирање на одредена коалиција.

Ниту во периодот додека мандатот беше кај Груевски ниту пак денеска, ниту еден закон не спречува било кој од политичките лидери да преговара за формирање на нова Влада. Тоа што мандатот до минатата недела беше кај Груевски не го спречи Заев да остварува средби со раководството на ДУИ, ниту пак да се обиде да договори соработка.
Истовремено и денеска, без мандатот од Претседателот, никој не може да го спречи ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да разговара со политичките партии за да се формира мнозинство. Од друга страна, секој лидер кој ќе обезбеди мнозинство од 61 пратеник, воопшто не мора ниту да го контактира Претседателот. Може веднаш да си закаже седница, да ја предложи новата Влада и тие 61 пратеник истата да му ја изгласаат. 

Според она што го пишува членот 90 од Уставот, Претседателот Иванов беше ставен во ситуација во која мораше да постапи онака како што постапи, велат експертите. Според нив, тој имаше рок од 10 дена во кој мораше да го даде мандатот на партијата која што има мнозинство во Собранието. Рокот од 10 дена изминуваше, а мнозинство во Собранието имаше ВМРО-ДПМНЕ. Тоа мнозинство не беше апсолутно со 61 пратеник, но такво мнозинство не бараше ниту Уставот но затоа имаше јасно пропишан рок од 10 дена во кој Иванов мораше да делува. Доколку не му го доделеше мандатот на ВМРО-ДПМНЕ, истите експерти кои сега велат дека Претседателот го прекршил уставот, ќе го тврдеа истото обвинувајќи го дека не го почитувал рокот од 10 дена.

 
 
02.02.2017 - 12:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега