Исчезна Јабланичко Езеро - целосно го искористиле за производство на струја
Јабланичкото Езеро во Босна и Херцеговина целосно исчезна откако Електростопанство на БиХ максимално ги искористи резервите на вода што беа таму акумулирани за да произведе што повеќе струја за време на студените денови во јануари, а ваквата одлука веројатно ќе има долгорочни катастрофални еколошки последици.
Во долината на реката Неретва, меѓу местата Коњиц и Јабланица во Херцеговина, што обично е прекриено со вода длабока и до 80 метри, сега се гледа калливо дно, а на некои места можат да се забележат надгробните споменици потопени во 50-сеттите години на минатиот век, кога беше формирано акумулационото езеро, како дел од проектот за изградба на брани и хидроцентрали на реката Неретва.
Езерото вообичаено беше долго до 30 километри и зазема повеќе од 1.400 хектари површина. Во него имаше и богат рибен фонд, вклучително и пастрмка и крап.
Еколозите тврдат дека со испуштањето на езерото целосно е уништен рибниот фонд. Од Електростопанство на БиХ велат дека ова не е прва ваква ситуација и дека слично било и во 2005 година. од таму уште додаваат дека еколозите претеруваат во оценките за причинетата штета.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа