Цуцуловски: Нови избори се единствено решение

Од оваа уставна и правна апорија единствен излез се нови избори, пишува на својот ФБ профил универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски.

ПРАВО И ОБИЧАЈ. Веќе неколку пати во моите постови нагласив дека Уставот на Република Македонија страда од сериозен недостаток во делот во кој се определува начинот на кој се доверува мандатот, односно во оној негов дел во кој се определуваат условите за формирање на нова Влада, веднаш после завршените избори.

Во членот 90 уставотворците, едноставно, не предвиделе втора можност за доверување на мандат, ако после првото (и единственото можно!) доверување на мандатот не дојде до формирање на Влада. Тоа е катастрофален, просто бласфемичен пропуст на уставотвориците, за кој ќе мораат да понесат морална одговорност – јавно да се извинат. Барем толку можат да направат за добиените пари.

Од оваа уставна и правна апорија единствен излез се нови избори. Напразни се барањата да се чујат мислењата на некои странски експерти по уставно право (како, на пример, мислењето на професорот Кларес Флорес Хуберијас од Универзитетот во Валенсија), бидејќи, држејќи се стриктно до Уставот, не можат ништо друго да понудат освен нови избори.

Обидите на некои наши „мудреци“ да се повикуваат на досегашната пракса (така било, на пример, и порано) не се ништо друго освен суспендирање на Уставот, еднакво на негова дерогација. Од своја страна, тоа не значи ништо друго освен поставување на обичајното право над легалното, државното право. Односно, поставување на праксата над легислативата. Тоа значи дека Македонија продолжува да се дижи надвор од Уставот и законите. Тоа, од своја страна, директно води кон волунтаризам, кој не е далеку автократија, самоволие и анархија од секаков вид.

Притоа, обичајното право е својствено за племенски заедници, т.е. за заедници кои се наоѓаат во предполитичка и предлегислативна состојба. Во некои земји на Запад, особено во англосаксонските, постои обичај некои одлуки да се донесат надвор од законските норми, повикувајќи се на некои претходни одлуки, односно на некои претходни обичаи или одредена пракса.

Меѓутоа, тоа се прави по исклучок, како своевиден преседан. Меѓутоа, една држава не може цело време да се гради според принципот на преседани и обичаи, бидејќи, на тој начин, сѐ повеќе прекинува да постои како држава, а сѐ повеќе се преобразува во аморфна државна заедница, еднаква на недржавна заедница. Понатаму, има секави обичаи и пракси и, токму затоа, не е можно постојано повикување на нив. Има луѓе кои практикуваат да лажат или да крадат. Дали тоа значи дека ова право треба да се издигне до ниво на државно право? Конечно, и секако не на крај, како обичајно, односно како наследено право може да се земе правото свекорот со невестата да ја помине првата вечер. Дали и тоа однесување ќе се легализира, бидејќи се практикувало како обичај? Работите мора да се доведат да апсурд, за да се сфати апсурдноста во која наоѓа Република Македонија – од нејзиното осамостојување, па сѐ досега.

Ако партиите во Р.М., вклучувајќи го и претседателот на државата – сеедно на нивната идеолошка или било каква друга ориентација – сакаат да се однесуваат одговорно и сериозно, тогаш мора да прекинат со оваа лакрдија, наречена формирање Влада. Шарадата и парадата мора да прекинат, токму во името на правото. Или, што е исто, во името на правната држава. Сѐ друго е само лага и парада.

(ФБ статус на универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски)

 
 
07.02.2017 - 12:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа